Државниот секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска учествува на Tретата конференција на земјите членки на Минамата конвенцијата, за жива која се одржува во Женева во периодот од 25-29 ноември 2019 година. Минамата конвенцијата предвидува обврски за нејзините членки со цел намалување на антропогените емисии и испуштање на жива и живини соединенија во животната средина.
На Конференцијата се дискутираат измени на Конвенцијата и донесување на дополнителни упатства заради подобрено спроведување и мониторинг над спроведувањето. Така на пример, се разговара за утврдување на глобално прифатлив датум до кој би се забранила употреба на амалгам во стоматолошката пракса, за воведување на меѓународни хармонизирани тарифни броеви за увоз/извоз на производи што содржат жива, донесување на водич за управување со локации контаминирани со жива, гранични вредности на живата во отпад што содржи жива итн.
Нашата држава ја потпиша оваа Конвенција во 2014 година, а ја започна процедурата за нејзина ратификација во 2019 година. Во периодот 2016-2018 година е изготвена иницијална процена на управувањето со жива во земјата. Во тој контекст, Министерството за животна средина и просторно планирање изработи инвентар на присуството на жива, процена на институционалната и правна рамка за управување со жива, со што се доби конкретна слика за тоа каква е состојбата, главните извори на емисии и испуштања на жива во медиумите на животна средина, поставеноста на институциите кои учествуваат во управувањето со живата, како и постоечката правна рамка која ги пресретнува обврските кои произвлегуваат од одредбите на Конвенцијата.
За спроведување на Конвенцијата воспоставен е конкретен финансиски механизам (Specific International Programme/Специфична меѓународна програма/) кој дава можност на членките на Конвенцијата да ги зајакнат своите капацитети ќе и бидат достапни и на Република Северна Македонија за спроведување на обврските кои произлегуваат од Конвенцијата.