(21.11.2019 г.) Прашањата, предлог решенијата и можностите за финансирање беа тема на Регионалната конференција за управување со квалитетот на воздухот во регионот на Западен Балкан, која денеска на иницијатива на Светска банка, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање се одржа во Скопје.
Воведни обраќања имаа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за животна средина на Република Косово Фатмир Матоши, директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово во рамките на регионот на Европа и Централна Азија Марко Мантованели и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
„Загадувањето на воздухот е еден од најгорливите проблеми на нашето време со повеќекратни и далекусежни последици. Постојано се рангира меѓу врвните фактори на ризик од смртност ширум светот. Од таа причина, потребна ни е итна акција на локално, национално, регионално и глобално ниво“ рече министерот Нуредини во поздравното браќање нагласувајќи дека решавањето на проблемот со аерозагадувањето како најгорлив проблем на денешницата е меѓу врвните приоритети на Владата и на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Говорејќи за моменталните состојби и мерките што се преземаат кај нас , заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули се осврна на имплементацијата на Планот за чист воздух и степенот на реализација на проектите предвидени во Планот, како и на предизвиците со кои се соочува нашата држава од аспект на подобрувањето на квалитетот на воздухот.
Воедно Макрадули потенцираше дека во целиот регион постојат слични проблеми и предизвици и затоа е неопходна поблиска соработка во борбата против загадувањето на воздухот, како и споделубвање на искуства и решенија со цел да се приоретизираат и применат најдобрите мерки за долгорочно и континуирано намалување на аерозагадувањето. Исто така ја истакна потребата од соработка со граѓанските организации во финализирање на Зелената платформа.
“Би сакал да обрнам внимание дека во тек се повеќе проекти за енергетска ефикасност во јавните објекти во повеќе градови во државата, но и проекти за замена на енергенсот за затоплување. Тука како пример, ќе истакнам дека при замена на затоплувањето од нафта на природен гас, ако училиштето досега во текот на зимата трошело 16.000 евра за нафта отсега ќе троши само 1.600 евра што е голема заштедаво буџетот, секако покрај придобивките за почист воздух” рече Макрадули во својата презентација.
Mинистерот за животна средина на Република Косово Фатмир Матоши, се согласи дека квалитетот на воздухот е заеднички регионален проблем кој може да се надмине само преку соработка, споделување на знаења и искуства и со изнаоѓање на поволни финансиски средства, преку заеднички настап пред меѓународните финансиски институции.
Директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово Марко Мантованели нагласи дека Студијата на Светска Банка за здравствените и економските влијанија на аерозагадувањето во три земји од регионот, покажува дека е неопходен регионален пристап при решавањето на овие проблеми, но посочи и дека истите имаат огромно негативно влијание врз нивните економии и затоа Светска Банка и другите меѓународни финансиски институции се спремни да помогнат при изнаоѓање на финансиски средства за одржливо решение на овој акутен проблем во регионот.
Работилницата, покрај тоа што имаше за цел размена на искуства, најдобри практики и стекнато знаење, како и веќе спроведени решенија, ја акцентираше потребата од заеднички настапи при искористувањето на меѓународно достапните финансиски ресурси.