(17.01.2020г.) Во рамки на работната посета на Кралството Шведска од 14-16.01.2020г., министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и делегацијата реализираа бројни средби и активности со претставници на Шведската Влада, локалните власти и бизнис-заедницата при што успешно беше претставено портофолиото на Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така, во рамките на престојот во Шведска, министерот Нуредини учествуваше и на приемот и специјалната церемонија на преземањето на хрватското претседателство со ЕУ. На централниот настан во Стокхолм, министерот Нуредини оствари бројни средби и контакти со високи шведски претставници, вклучително и со спикерот на Парламентот на Кралството Шведска, Андреас Норлен. Во разговорот беа опфатени актуелни прашања од портофолиото на министерот Нуредини, актуелните состојби во државата и решеноста и посветеноста на Владата на РСМ кон рефомите и евроинтегративните процеси на државата, при што Норлен ја повторно ја потврди поддршката на Парламентот на Шведска за отпочнување на пристапните преговори за членството на Репулика Северна Македонија во ЕУ.
Средба се одржа и со државниот секетар на МНР Пер Олсон Фрид (Per Olsson Fridh), надлежен за меѓународна развојна соработка. Министерот Нуредини ги презентираше приоритетните области за соработка во рамките на Шведската Агенција за мeѓународна развојна соработка (СИДА), пред се дигитализацијата на Министерството за животна средина во функција на ефикасна и трансапрентна институција, акредитацијата на централната лабораторија, а тема на разговор беа и процесите на евроинтеграции на државата и можните специфични проекти во рамките на СИДА при подготовките за членство во ЕУ. Фрид ја реафирмираше континуираната поддршка на Кралството Шведкса за евроинтеграциските процеси на нашата држава, како и нивното разочарување од октомвриската одлука минатата година, изрази охрабрување за посветеноста и доследноста на нашата држава во продолжување на европскиот пат и реформите. Тој ја поздрави посетата на министерот Нуредини како важен позитивен сигнал од повеќе аспекти, како продолжување на интензивниот политички дијалог, имајќи ги предвид тековните процеси на дефинирање на нова страегија на поддршка на пристапниот процес во рамките на СИДА. Новата стратегија за Западен Балкан и Турција ќе биде долгорочна (7 години), и треба да биде изготвена во текот на оваа година. Приоритетните области, согласно досегашните насоки ќе бидат врзани со пристапниот процес, а ќа има и зајакната компонента за демократија и владеење на правото, Меѓународната развојна помош на Кралството Шведска, “Urge for Democracy”. Изразувајќи задоволство од тековната билатерална соработка, Пер Олсон Фрид, исто така, изрази позитивен став и за нашата заложба за директни меѓуинституционални билатерални контакти. На средбата присуствуваа и управителот одговорен за Југоисточна Европа и ЕУ Проширување со седиште во Република Србија, Ана Бода и службеникот одговорен за РСМ, Ерик Ернер.
Во Шведската Агенција за мeѓународна развојна соработка, министерот Нуредини и делегацијата имаа средба со директорот во секторот за Европа и Латинска Америка, Лиза Фредиксон, а присуствуваа и раководителот на секторот за Европа и Латинска Америка, Каролина Јохансон Венерхолм и Каролина Јозиќ. На средбата беа разменети информации околу тековните проекти во рамките на Програмата од областа на заштитата на животната средина. Претставниците на Агенцијата брифираа за развојот на билатералната соработка, зајакнувањето на билатералната компонента за Република Северна Македонија и најавија натамошно зголемување на вкупниот износ на помошта. Од страна на министерот Нуредини беа истакнати приоритетите на идните проекти, како дигитализацијата на Министерството, животната средина во руралните средини, помош за акредитација на централната лабораторија за животна средина и споделување на најдобрите практики за транзиција во земја без фосилни горива.
Во рамките на престојот, посетена е и општината Гавле, каде министерот и делегацијата одржаа средба со раководителот за дигитализација, Мари Нислон, претседателот на регионот Гавлеборг, Матс Хиндстрем и одговорното лице за издавање дозволи, Рикард Вестлинг. Понатаму, беше остварена посета и на компанијата за дигитални софтверски решенија и услуги, Сокиго, каде се оствари средба со раководителот на секторот за стратегија за прозводи, Кристоф Понсин. Исто така, делегацијата ја посети и „Лантматериет“, институцијата надлежна за демаркација на недвижниот имот и катастарски потреби при Министерството за финансии, каде оствари средба со проект-менаџерот за РС Македонија, Зоја Фарај и раководителот на секторот за општествен развој, Малин Клинтборг.
Во состав на делегацијата на РСМ беа шефот на Кабинетот на министерот Нуредини, Арсим Фидани, амбасадорот на РСМ во Шведска, Мира Крајачиќ, а на средбите, со исклучок во МНР, присуствуваше и претставникот од Виена за шведската бизнис комора „Бизнис Шведска“, надлежна за Југоисточна Европа, Кристофер Бенгстон.