Денес се одржува втората, од трите работилници, организирани од Економската Комисија за Европа при ООН, посветена на климатските промени, врз основа на прегледите на еколошките перформанси на UNECE.
Целите на работилницата се да се обезбеди платформа за земјите од Источна и Југоисточна Европа, Централна Азија и Кавказ да ги споделат своите искуства во решавањето на прашањата за климатските промени и да ја поддржат соработката помеѓу релевантни експерти за развој на политики за климатски промени.
Работилницата ќе овозможи дискусија за можностите и предизвиците кои се однесуваат на развојот при креирање на политиката за климатски промени, земајќи ја во предвид имплементацијата на Целите за одржлив развој, како и продлабочување на знаењето за достапните алатки и инструменти за поддршка на ублажувањето и адаптацијата, како и идентификација на решенија за надминување на предизвиците во областа на климатските промени.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова го отвори настанот и ја истакна важноста на климатските промени, како многу актуелна тема, која бара и заслужува релевантен фокус.
“Градењето на општество отпорно на климатски промени, преку обезбедување раст и развој со низок јаглерод, треба да се заснова на синергиски пристап и минимизирање на негативните последици во општата развојна и климатска политика” – Истакна Шукова.
Според Шукова, развојните стратегии и инвестициони планови, како и просторните и урбанистичките планови, секторските политики во енергетскиот сектор (и транспортот), управувањето со водите, земјоделството, шумите, биолошката разновидност и природата, треба да бидат фокусирани на обезбедување развој и раст со низок јаглерод и треба да се прилагодат на проектираните влијанија од климатските промени. Ваквиот интегриран пристап бара адаптација на системите на образование, истражување и развој. Климатските промени бараат еколошки иновативни пристапи и технологии, а еко-иновациите ќе станат клучни за економскиот раст, конкурентноста и вработувањето, во комбинација со широк спектар на останати економски инструменти.
Се очекува да се произведат препораки за следниот циклус на изработка на извештаите за ревизија на перформансите во животната средина во државите од Источна и Југоисточна Европа, Централна Азија и Кавказ.