(28.04.2015) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, шефот на Делегацијата на Европската Унија, H.E Аиво Орав, амбасадорот на Шпанија, H.E. Рамон Каранза, заменик шеф на мисијата во амбасадата на Холандија, Петер Ферхеиен и директорот на инспекторатот за животна средина, Фируз Мемед се обратија на отварањето на двата проекти финансирани од ЕУ: твининг проект „Зајакнување на административните капацитети на државно и локално ниво за спроведување на европското законодавство во областа на животната средина“ и проектот за техничка помош „Зајакнување на капацитетите за применливост на законодавството во животната средина на локално ниво “.
Министерот Изаири го изрази своето уверување дека преку проектите што денеска се промовираат ќе се подобри управувањето со животната средина, како и мониторингот и спроведувањето на законодавството од областа животна средина на локално ниво и ќе се зајакнат административните капацитети во општините за справување со проблемите и предизвиците за зачувување на животната средина. Воедно, ќе се подобри и соработката помеѓу локалната и централната власт во спроведувањето на законодавството во областа.
– Бенефит од проектот во прва линија ќе имаат 9-те пилот општини од 3-те региони во РМ, но исто така и сите останати општини, бидејќи ќе бидат вклучени во обуките и ќе бидат корисници на документите кои ќе произлезат од проектот – истакна – истакна министерот Изаири.
Според него, проектотза зајакнување на капацитетите за спроведување на инспекциски надзор на локално и на централно ниво е особено важен за министерството, бидејќи истиот ги обзбедува сите услови за спроведување на законодавството, и овозможува пронаоѓање на одговорните субјекти во случај кога истото ќе биде прекршено.
Во своето обраќање, евроамбасадорот Аиво Орав нагласи дека Европската Унија ќе продолжи финансиски да го поддржува секторот животна средина, додавајќи дека успехот е загарантиран ако државата инвестира во професионална и стручна администрација, ако изгради здрава инфраструктура и истрае во настојувањето за подигање на јавната свест околу оваа проблематика.
Директорот на инспекторатот за животна средина, Фируз Мемед нагласи дека Државниот Инспекторат за животна средина преку твининг проектот ќе ги унифицира практиките за вршење инспекциски надзор и посебно ќе го зголеми техничкото знаење за сите инспектори на две нивоа, со што ќе ги воведе европските стандарди за инспектирање во животната средина.
На настанот беа презентирани информации за најновата опрема наменета за централните и локалните власти во областа на животната средина обезбедена со средства од фондовите на ЕУ.