Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова оствари средба со Амбасадорката на Швајцарска Конфедерација во нашата земја Н.Е. Вероник Хулман Марти.
Се разговараше за начините за надминување на предизвиците при реализација на тековните проекти, а се разгледуваа и резултатите и функционалноста на завршените проекти.
Амбасадорката Хулман на средбата истакна дека поддршката од страна на Швајцарската влада е насочена, меѓу другото, и на инфраструктура и животна средина, конкретно на заштита на природата, третманот на отпадни води и управување со цврст отпад.
Таа, исто така изрази поддршка и задоволство за долгорочниот пристап за наоѓање соодветни решенија во исполнување на критериумите на ЕУ во областа на животната средина. Имено, како главни предизвици ги предочи градење на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање и имплементација и извршување на законите.
Министерката Шукова изрази почит и благодарност за поддршката што Швајцарската влада ја дава за подобрување на целокупната заштита на животната средина, како еден од најголемите донатори во оваа област, и ја информираше амбасадорката за долгорочните цели на министерството, како и за планираните реформски мерки во овој ресор.