(18.12.2017г.) Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки се обрати на свеченоста по повод промоција на проектот „Изградба на пречистителна станица за третман на урбаните отпадни води во Струмица“ и пушањето во употреба на постројката.
– Ова е прва пречистителна станица што е изградена со средства на ЕУ и која директно придонесува за заштита на површинските води и за враќање на речниот биодиверзитет. Истовремено, со неа придонесуваме и кон заштита на меѓународниот слив на реката Струмица кој го делиме со Република Бугарија, што уште повеќе го истакнува значењето на оваа пречистителна станица – истакна во таа пригода министерот Дураки.
Со изградба на пречистителната станица во Струмица, како и во Кичево, Прилеп и Радовиш, постепено се исполнува обврската за изградба на 87 пречистителни станици во Република Македонија од кои 16 треба да бидат со терцијален третман на отпадните води.
На настанот свои обраќања имаа и премиерот Зоран Заев, амбасадорот на Европската Унија Н.Е. Самуел Жбогар, министерот за финансии, Драган Тевдовски и Франц Митермаер, член на Управниот одбор на ЕВН Групацијата, во чија сопственост е WTE.
На крај, откако официјалните претставници симболично го притиснаа копчето за старт на работата на пречистителната станица, за присутните беше организирана кратка обиколка на постројката.