(03.11.2015г.)Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, амбасадорот на Франција Н.Е. Лоренс Оер и постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, Н.Е. Луиза Винтон на денешниот прес за новинари ја најавија министерската конференција: „Кон климатскиот самит во Париз 2015, предизвици за државите членки на ЦЕИ“, која ќе се одржи во Скопје, на 6 ноември 2015 година, како дел од активностите кои МЖСПП и Република Македонија и нивните меѓународни и домашни партнери, ги преземаат пред престојниот меѓународен самит во Париз во декември 2015г.
– Од конференцијата, во високиот сегмент се очекува, преку презентирање на т.н „Соодветни национални придонеси за намалување на климатските промени“, да дојдеме до заеднички заклучоци за начините за постигнување синергии помеѓу климатските, енергетските и другите политики на регионално ниво. Како главен резултат се очекува усвојување на заедничка Декларација со која ќе се изрази заедничката подготвеност за соработка во насока на постигнување на т.н “позелен” раст за регионот на ЦЕИ – изјави по тој повод министерот Изаири.
Конференцијата е на иницијатива и во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, потпомогната е од нашите интернационални и домашни партнери, и е во рамките на претседавањето на Република Македонија со Централно Европската Иницијатива (ЦЕИ).
– Со цел да се постигне глобално утврдената цел за зголемување на температурата под 2°C до крајот на векот, покрај тоа што е неопходно усвојување на меѓународен обврзувачки договор кој ќе биде применлив за сите земји најдоцна до 2015 година и да стапи на сила до 2020 година, ќе биде потребна и одговорна реализација на преземените обврски што подразбира ангажман и соработка со сите важни чинители – додаде министерот Изаири.
На пресот, амбасадорот на Франција Н.Е. Лоренс Оер го истакна значењето на климатскиот самит во Париз 2015г., како и подготвеноста на Владата на Франција како домаќин успешно да организира и да овозможи постигнување на досега најамбициозен глобален Договор за намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата.
Постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, Н.Е. Луиза Винтон, пак, ја нагласи ранливоста на Р. Македонија на климатските промени, истакнувајќи дека УНДП ќе продолжи да ја помага подготовката на завршните извештаи за климатски промени кои нашата држава има меѓународна обврска да ги изготвува секоја година.