Презентирани новите јапонски технологии за изградба на водоводна и канализациона мрежа

seminar 2(17.02.2015г.) Изразувајќи задоволство од можноста техничките експерти на Јапонската агенција за надворешна трговија (JETRO) да ги презентираат новите јапонски технологии за изградба-реконструкција на водоводна и канализациона мрежа со намалување на рововски ископи, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски во воденото обраќање на Техничкиот семинар кој денеска се одржа во х. Карпош во Скопје, стакна :

– Ме радува фактот дека запознавањето со новите јапонски технологии за рехабилитација на мрежи за водоснабдување и канализација ќе биде направено пред релевантни технички кадри од Јавните комунални претпријатија во Република Македонија, но и пред донесувачи на одлуки на локално и национално ниво, пред општинската администрација, како и Министерството за финасии. Искрено се надевам дека овој семинар ќе ја исполни својата цел во насока на првично запознавање со примената на јапонски технологии и дека истите ќе предизвикаат голем интерес кај сите присутни за примена во процесот на планирањето, но и во изградбата или реконструкција на постоечките канализациони системи.

Според, досегашното искуство, Јапонската агенција за меѓународна соработка, преку експерти на проектите кои се однесуваат на заштита и унапредување на животната средина, активно помогна при изработката на Студијата за пречистителна станица за отпадни води за Град Скопје и за Физибилити студијата за подобрување на работата на колекторскиот систем на Охридското Езеро во насока на рехабилитација/реконструкција и доградба на цевководот за собирање на отпадните води од Охридскиот Регион.

На средината на декември 2014 беа презентирани сите наоди од страна на јапонскиот тим со утврдени 10 главни приоритетни проекти за целосна заштита на Охридското Езеро, за кои треба дополнително да се утврдува и инвестициска и финансиска конструкција со оглед на фактот дека предложените бројки се доста високи.

Според зборовите на Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Владата на Република Македонија, преку Министерството, а во соработка со релевантните општини вложува напори за заштита на сливното подрачје на Охридскиот Регион преку повеќе проектни активности, а покрај јапонската подршка меѓу другите и обезбедува поддршка и од Инструментот за Предпристапна помош на Европската Унија.

Настанот е поддржан и од Министерството за економија, трговија и индустрија на Јапонија. Во име на јапонската агенција за надворешна трговија на присутните им се обрати г-динот Хирофуми ОНО.