(18.01.2016) Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, градоначалникот на општина Тетово, Теута Арифи и постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон во Тетово остварија работна средба на која беа презентирани главните заклучоци и препораки на студијата за оценка на ризикот од поплави во полошкиот регион.
Изработката на студијата е важен дел од напорите за рехабилитација на штетите од поплавите кои се случија на 3 август 2015 година. Преку примена на најсовремените методолошки пристапи и модели, а следејќи ги препораките на Директивата за поплави на ЕУ, студијата доаѓа до попрецизен одговор на причините за појавата и развојот на критичниот настан, но прави и проекции на можните последици од идни слични настани, доколку не се преземат соодветни мерки. Во неа се развиени и споредувани можни управувачки сценарија кои се предмет на сеопфатна економска анализа. Предложените мерки во студијата даваат основа за насочување на идните инвестиции во регионот заради ублажување на ризикот од поплавите, како многу сериозна закана по социо – економскиот развојот.
Во период од неколку месеци студијата ја изработуваше интердисциплинарен тим на експерти ангажиран од страна на УНДП. Географскиот опфат на студијата беа најзасегнатите делови на полошкиот регион, кои се протегаат на територијата на општините Тетово, Теарце и Боговиње, а во кои живеат околу 130,000 жители.
По презентацијата министерот Изаири, градоначалничката Арифи, претставниците на УНДП и г-ѓа Луиза Винтон дискутираа околу стратегијата за реализација на препораките, како и можните извори на финансирање.Договорено е итно да се да се направи еден сублимиран Акциски план во кој ќе се земат предвид проценките од владината комисија за проценки на штетите од поплави, Студијата изработена од УНДП и постоечките анализи и сознанија со кои располагаат Министерството и општина Тетово за полошкиот регион. Акцискиот план ќе биде основа за настапување пред домашни и меѓународни донатори за обезбедување на средства за отстранување на последиците од августовските поплави и за намалување на ризикот од ваквите идни природни катастрофи и ќе содржи и приоритизација на мерките со оглед на висината на средставата кои се потребни за негово реализирање.