Министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова имаше поздравно обраќање на официјалниот настан за отварање на ИПА проектот „Поддршка на реформите во шумарството во Северна Македонија“, кој е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е реализација на потребните реформи во делот на шумарството, со цел да се усогласат правната и институционалната поставеност на нашата земја во однос на барањата на Еврoпската Унија.
Шукова објасни дека потребата за заштита на шумите во Европа е потврдена во новата Стратегијата за шумите на ЕУ до 2030 година, која има за цел да ги поддржи социо-економските функции на шумите за просперитет на руралните подрачја и поттикнување одржлива био-економија базирана на шумите. Стратегијата тежнее и кон заштита, ревитализација и зголемување на површината под шуми во Европската Унија, заради борба против климатските промени, враќање на биолошката разновидност и обезбедување на отпорни и повеќенаменски шумски екосистеми.
– Би сакала да напоменам дека покрај дека Министерството за животна средина во соработка Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе има извршено идентификација на шуми со високи природни вредности, со цел да се обезбеди заштита на биолошката разновидност преку идентификација на клучните шумски живеалишта со зачувана биолошка разновидност и изработка на упатства за управување со шумите за две избрани подрачја – истакна министерката Шукова.
Таа додаде и дека освен Законот за шумите, потребата за заштита на шумските екосистеми произлегуваат и од Законот за заштита на природата и од стратешките развојни документи, како што се Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност за период (2018-2023), како и од имплементацијата на ЕУ директивите за живеалишта и птици.
– Паралелно со овие процеси МЖСПП спроведува и активности за хармонизирање на националното законодавство и исполнување на обврските согласно ЕУ директивите. Ќе ја споменам актуелната директива за живеалишта и птици, односно идентификација на потенцијални подрачја за еколошката мрежа Натура 2000 која во кој најголем дел припаѓаат и шумските екосиситеми во нашата земја – рече Шукова.
На настанот свои обраќања имаа и амбасадарот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и деканот на шумарски факултет, Кирил Сотировски.