Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и деканот на Градежен факултет-Скопје при Универзитетот Кирил и Методиј, проф. д-р Дарко Мославац, денеска, потпишаа договор за изработка на основен проект за регулација на река Вардар во Полошкиот Регион.
Со овој проект ќе се регулира дел од речното корито на Вардар, при што се очекува елиминирање на поплавите низ населените места и плодните површини, стабилизација на водниот режим во полошкиот регион, стабилизација на речните брегови и контрола на продукција и транспорт на речен нанос. Исто така, ќе се расчисти речниот коридор од отпад и ќе се зголеми капацитетот на реката.
Вредноста на договорот изнесува 2 800 000 денари, од кои Министерството доделува 2 600 000 денари. Средствата се обезбедени преку Програмата за инвестиции во животната средина за 2016 година.
Проектот треба да биде изработен во тек на 4 месеци, односно најдоцна до јули годинава.