На денешниот вебинар беа презентирани резултатите од анализата на можности за воведување на данок на јаглерод во нашата држава именуван “Патоказ за воведување данок на јаглерод“
Сознанијата укажуваат дека нашата држава има направено значителен напредок во дефинирање на ниско-јаглеродна агенда во политиките поврзани со климатски промени и енергија. Во ревидираните национални придонеси за климатски промени предложени се 67 мерки и политики (во согласност со „зелено сценарио“ од Стратегијата за енергетика до 2040 година) со чија имплементација ќе се овозможи намалување на емисиите на стакленички гасови до 51% во 2030 година.
Воведувањето данок на јаглерод може да има најголемо вкупно влијание врз намалувањето на емисиите на стакленички гасови во нашата држава. Воведување на данок на јаглерод во согласност со постоечките вредности на ваков данок во ЕУ, би ги намалило емисиите на стакленички гасови во нашата држава скоро на половина и би ја поддржало трансформацијата на енергетскиот сектор.
Анализата е изработена во рамките на Проектот за ревизија на националните придонеси за климатски промени, кој го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, со техничка и финансиска поддршка од УНДП и ГЕФ. Изработувач на документот е организацијата Center for Clean Air Policy, која, со поддршка од национални консултанти, направи анализа за тоа како најдобро да се дизајнира данок на јаглерод во Република Северна Македонија и подготви патоказ за спроведување на оваа даночна мерка.