(20.11.2018г.) Денес, државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска говореше на панел дискусијата за вклучување на неформалните собирачи на отпад во одржлив систем на управување со отпад во Република Македонија организирана на Здружението „Гоу Грин – Скопје“.
Истакнувајќи дека ниту еден иден систем за справување со отпадот не треба да ги игнорира неформалните постапувачи со отпад, кои со години делуваат и придонесува за намалување на количествата на отпад за отстранување, државниот секретар Петровска во своето обраќање додаде:
– МЖСПП е посветено на спроведување на пакетот за циркуларна економија којшто го донесе Европската Унија, и во таа насока сме во финална фаза на изработка на Закон за управување со отпадот којшто ги воспоставува тие принципи, како и на План за превенција на отпадот во Р. Македонија. Исто така, работиме и на воспоставување на регионално управување со цврстиот отпад во два плански региони во Источна Македонија. За таа цел, ќе искористиме средства од ЕУ за изградба на регионални системи за постапување со отпадот, но исто така ќе воведеме и систем за примарна селекција на отпадот кај домаќинствата и правните лица.
Според Петровска, овие системи треба да ги подобрат условите за собирање и соодветно депонирање на отпадот, но истовремено истите ќе треба да водат сметка за неформалните собирачи да го најдат своето место во целиот тој процес.
– Крајно време е да се отвори ова прашање и заедно да најдеме начини како тие неформални собирачи да бидат признати од општеството, да добијат соодветна обука и услови за работа, целосно да се вклучат во системот и да им се овозможи дејноста што досега ја вршеле да може да ја извршуваат на повисоко, формално ниво – изјави Петровска.
Претседателот на здружението „Гоу Грин“ – Скопје, Антонио Јовановски истакна дека постои голема неформална економија во секторот отпад, каде што собирачите на отпад претставуваат мошне значаен дел. Со професијата „Собирач на отпад“ ќе се даде правна форма во нивната дејност, со што ќе може да се вклучат во системот и да се вработат.
На настанот присуствуваа експерти од МЖСПП, претставници од локалните самоуправи, повеќе невладини организации и неформални постапувачи со отпад.
Панел дискусијата се организира во рамки на одбележување на Неделата за намалување на отпадот.