(17.07.2019г) Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одржа средба со шефот на Делегација на Европска Унија во Република Северна Македонија, Н. Е. амбасадорот Самуел Жбогар.
На средбата беше потврдена досегашната поддршка и соработка од страна на Европската Унија, како и заложбата за понатамошно развивање на соработката која Европската Унија ја дава на Република Северна Македонија во заштитата на животната средина и климатските акции.
Амбасадорот Жбогар ја нагласи потребата од подигање на јавната свест на граѓаните во Република Северна Македонија, особено на младата популација, за прашањата за животната средина и информираше за еко-активизмот кои Европската Унија го иницира во нашата земја, во таа насока и активностите кои се спроведуваат во рамки на кампањата која се спроведува под слоганот „Чисто, како дома исто“.
Министерот Нуредини ја поздрави иницијативата и истакна дека на граѓаните на Република Северна Македонија, а посебно на младите, треба да им се даде шанса да учат од другите земји, да споделуваат искуства, да применуваат најдобри практики, секако со заедничка поддршка и инвестирање во проекти за заштита на животната средина.
На средбата се разговараше околу решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот и се разменија искуства како другите земји ги решаваат овие проблеми и што дополнително Република Северна Македонија би можела да преземе во таа насока.
Амбасадорот Жбогар исто така информираше дека следната година во рамки на Берлинскиот процес со кој ќе ко-претседаваат Бугарија и Република Северна Македонија, во фокусот на агендата ќе биде животната средина, што би значело и обезбедување на финансиска помош за земјите од регионот за решавање на еколошките проблеми.
Министерот Нуредини ја изрази својата благодарност за поддршката која Европската Унија ја обезбедува за Република Северна Македонија во заштитата на животната средина со уверување дека ќе бидат вложени максимални напори за успешно искористување на истата, со цел успешна реализација не само на тековните туку и на многу други идни проекти со цел заштита на животната средина и подобрување на живото на граѓаните.