(15.03.2017год.) Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети денеска, се обрати на завршниот настан на проектот финансиран од Европската Унија, „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000″, кој се спроведува во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Истакнувајќи во своето обраќање дека програмата Натура 2000 отвора нови можности за руралните средини преку развој на еко-туризмот, одржливото земјоделство и користењето на природните ресурси на начин кој не ја загрозува животната средина, министерот Амети додаде:
– Натура 2000 може да стане важен извор на приходи за локалното население. Визијата за одржливи развој може да стане реалност со инструментот на Натура 2000, чиј опфат ќе се зголемува со понатамошната имплеменатција.
Целта на проектот е да се зголеми ефикасноста на подготовката од областа на заштитата на природата за пристапување во ЕУ. Преку своите пет компоненти, воспоставена е солидна основа за имплементацијата на Натура 2000. Адаптиран е Националниот Закон за природа согласно со законската регулатива на ЕУ, идентификувани се неколку потенцијални Натура 2000 подрачја, основана е база на податоци, одржани се серија на обуки за вработените во МЖСПП и засегнатите страни, а беше спроведена и јавна кампања.
Времетраењето на проектот беше од јануари 2016 година до средината на март 2017 година, а буџетот изнесува 1,2 милиони евра. Проектот се спроведува од страна на Партицип и партнерите во конзорциумот. На настанот, официјално обраќање имаше и амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Н. Е. Самуел Жбогар.