(18.09.2018) Денеска, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање се одржа уште една јавна дебата за влијанието врз животната средина на проектот за изградба на националниот гасификационен систем во Република Македонија, Делница 5, Скопје – Гостивар – Кичево.
На дебата учествуваа заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи и авторот на студијата за влијанието врз животната средина и директор на Технолаб Магдалена Трајковска како говорници од страна на власта.
Претставници на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“, исто така се произнесоа со свои видувања и ставови за реализацијата овој проект.
На дебата се дискутираше за потребата од реализација на проектот по предвидената траса и можностите за негова дислокација, значењето на проектот не само за Скопје, туку и пошироко, со посебен акцент на предвидената ревитализацијата на подрачјето каде што ќе поминува оваа делница од гасоводот.