По повод Светскиот ден на водата, денес е потпишан Договор за грант во вредност од 70 милиони евра за изградба на пречистителна станица за отпадни води за Скопје. Договорот го потпишаа министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, министерот за финансии Фатмир Бесими и заменик-претседателката на ЕИБ Лилјана Павлова. На потпишувањето на Договорот присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Изградбата на пречистителна станица за град Скопје ќе биде најголемиот проект од областа на заштита на животната средина досега реализиран во нашата држава, но во исто време и најголемиот предизвик.
– Ние како Влада ја затвораме финансиската конструкција и овозможуваме отпочнување на изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Град Скопје. По обезбедувањето на финасиите, останува обврската на Град Скопје да го доврши процесот на експропријација и заедно со општина Гази Баба да ја заврши урбанистичко планската документација и потпишување на договорите за градба и надзор од страна на Директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје .
Ова е предизвикувачки процес кој бара голема координација на сите инволвирани страни. Но ДА, ние сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Овој проект е над од сите политички интереси и императив доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство – истакна министерката животна средина и просторно планирање Каја Шукова.