(17.12.2019г.) Глобалните предизвици и националните можности за развој во областа на енергетиката и намалувањето на климатските промени во РСМ, беа главните теми на денешната прва сесија на Работната група – 5, Поглавје 27- Животна средина, на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија.
Посочувајќи ги како успешен пример напорите на МЖСПП да се воведе нов пристап во планирањето на националните политики министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во своето воведно обраќање истакна:
„Ние како Министерство ја инициравме подготовката на новата Национална стратегија за енергетика до 2040 година со следење на барањата на ЕУ за подготовка на интегрирани планови за енергија и клима. За прв пат, енергетската стратегија го препознава терминот декарбонизација и понизок јаглероден раст. Имено, според зеленото сценарио емисиите на стакленички гасови до 2040 година ќе бидат намалени за 24% или за 60% во однос на нивото на емисија од 1990 година, како резултат на зголемената употреба на обновливите извори и намалената употреба на лигнит. Исто така, ги вклучивме проекциите на стакленички гасови во новата стратегија за транспорт. Предложивме Воведовме оданочување на увезените возила врз основа на емисиите на јаглерод диоксид. Ги завршивме сите потребни проценки за да го развиеме нашиот прв Закон за климатска акција и долгорочната стратегија за климатска акција, во согласност со пакетот закони за енергија и клима на ЕУ до 2030. Нашата цел е да бидеме амбициозни, да ги охрабриме, а воедно и да ги обврземе другите министерства во нивните развојни планови и при донесување на нови закони да ги инкорпорираат барањата на ЕУ за климатска акција“, нагласи Нуредини.
Како препораки од работилницата на која присуствуваа и говореа претставници на експертската јавност, на релевантните институции, на граѓански здруженија, пратеници, академска јавност и други стручни лица се разменија мислења, визии и идеи за посочената проблематика и се усвоени и следните препораки: Интегрирање на прашањата на развојот на енергетиката и намалени климатски промени на национално ниво; Да се развијат механизми за афирмација и имплемантација на новите пристапи кон климатските политики во локалните средини; Унапредување на знаењата, образованието и информираноста за климатските промени. Настанот е организиран како дел од словачката техничка помош (размена на искуства во делот на адаптација за климатски промени) која беше договорена на средбата меѓу словачкиот амбасадор Хенрик Маркус и министерот Нуредини летоска, а имплементиран од граѓанската асоцијација European movement.