Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини оствари средба со британската амбасадорка во нашата држава Рејчел Галовеј.
Посакувајќи му успешен мандат на министерот Нуредини, британската амбасадорка Галовеј изрази подготвеност за соработка во областите од заеднички интерес.
Во контекст на претседателствувањето со годишната Конференција земјите членки на Рамковната конвенција на Обединетите Нации за климатски промени, COP26, беше разговарано за можностите за поддршка на Обединетото Кралство, како земја предводник во однос на заложбите за редукција на емисиите на стакленички гасови, во имплементација на националниот придонес кон Договорот од Париз и амбицијата за декарбонизација на Република Северна Македонија.
Амбасадорката Галовеј изрази подготвеност Британија да ја продолжи соработката воспоставена во однос на подготовката на Планот за енергија и клима, и имплементација на конкретните предвидени активности.
Воедно, беше разговарано и за вклучувањето на аспектите на енергија и клима во подготовката на десетгодишниот Национален план за развој, чија изработка е поддржана од Обединетото Кралство како еден од партнерите на Обединетите Нации.