(01.11.2018г.) Денес и утре академци, професори, стручни лица, претставници на националните и локалните власти ќе дискутираат за загадувањето на градовите во Република Македонија, со намера да развијат широка платформа за дискусија и да посочат научно аргументирани и изводливи решенија за надминување на најгорливите еколошки проблеми на современите урбани заедници во државава.
По воведните обраќања на академик Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите и академик Владо Матевски, претседател на Организациониот одбор, на присутните им се обрати и држаниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска. Нагласувајќи дека Министерството сериозно работи на политиките за заштита на животната средина во сите области и медиуми на животна средина, Петровска посочи дека во државата интензивно се градат пречистителни станици со што ќе се подобри квалитетот на водите, наскоро и Градот Скопје ќе ја добие својата пречистителна станица, потоа во однос на отпадот, исто така се работи во континуитет за воспоставување на системот за интегрирано управување со отпад, но сеуште сме соочени со голем број предизвици во однос на загадувањето на животната средина, особено на амбиенталниот воздух. Според неа индустријата и транспортот се меѓу најголемите причинители на аерозагадувањето и треба посериозно да се поработи во делот на исполнување на обврските на индустриските инсталации согласно добиените еколошки дозволи.
На конференцијата ќе се дискутира на теми: аерозагадување, енергетика/греење, сообраќај, индустрија/почва/храна, води, урбанизам/шумарство/озеленување, и општи аспекти на урбаното загадување.
Се очекува дека со поголемо вклучување на науката и со воспоставување на поцврста соработка на сите општествени чинители ќе се дефинираат и предложат соодветни, научно засновани решенија, кои ќе бидат лесно применливи и со видливи резултати.
Конференцијата е во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Истражувачкиот центар за животна средина и материјали.