Министерот Нуредини денеска учествуваше на Прашкиот Европски Самит во панелот посветен на зелената трансформација како економска можност. Тој во своето обраќање се осврна на улогата што националните влади можат и треба да ја одиграат во подобро планирање на зелената трансформација, како и предизвиците со кои се соочуваат во периодот на опоравување од пандемијата.
На панелот Министерот дискутираше заедно со Регионалниот директор за Европа на Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) Бруно Пози, заменик на генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Масамичи Коно, заменик директорката на Директоратот за трговија на Европската Комисија Хелена Кониг и заменик директорката на Бругел, Марија Демерцис. Главниот фокус на панелот беше даден на богатството од можности кои зелената трансформација може да ги донесе за општествата и граѓаните, порастот на работни места во секторот на обновлива енергија, како циркуларната економија им дава моќ на засегнатите страни да постигнат повеќе со помалку и придобивките за новите индустрии и компании од зголемената свесност за климатските промени и еколошките стандарди кај потрошувачите.