(30.03.2016г) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Дебар, Ружди Лата, денеска, потпишаа договор за финансирање на проектот за доизградба на атмосферска канализација во град Дебар.
Новиот договор се однесува на втората фаза од проектот, за чија реализација Министерството ќе кофинансира 2,5 милиони денари.
На потпишувањето, министерот Изаири нагласи дека ова не е прв, а ни последен проект кој Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Дебар заеднички го реализаираат. Според него, Владата на Република Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање предвидува поддршка и за неколку други проекти во поширокиот регион на Дебар.
– Меѓу другото, би ги издвоил Проектот за изградба на пречистителна станица на отпадни води и канализациона мрежа, како и Проектот за регионално третирање на отпадот. Секогаш сме биле подготвени да го поддржиме Дебар, уште повеќе сега, кога со реализираните проекти на локалната власт градот добива нов соверемен лик, што е во полза на жителите – изјави тој за новинарите.
Градоначалникот Лата изрази задоволство што по завршувањето на првата фаза се надмина повеќедеценискиот проблем со кој се соочуваа жителите и бизнисот од Дебар, додавајќи дека со реализација на втората фаза од проектот целосно ќе се надмине проблемот со атмосферската канализација во центрaлното подрачје на градот.