(06.11.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири денеска, ја отвори меѓународната министерска конференција „Кон Самитот за клима во Париз 2015, предизвици за земјите членки на ЦЕИ“, на која повеќе од 150 учесници од висок ранг, меѓу кои 9 делгации на министерско ниво од земјите членки на ЦЕИ, 16 претставници од амбасади во РМ, како и повеќе научни институции, меѓународни и домашни невладини организации, разменуваа искуства и гледишта во врска со предизвиците со кои се соочуваат државите членки на ЦЕИ во напорите за постигнување на ниско-јаглероден раст.
– Нашата идеја е преку презентирање на т.н “Соодветни национални придонеси за намалување на климатските промени” да дојдеме до заеднички заклучоци за начините за постигнување синергии помеѓу климатските, енергетските и другите политики – изјави министерот Изаири во своето воведно обраќање.
Владата на Република Македонија го усвои Соодветниот национален придонес за намалување на климатските промени. Истиот се достави до Секретаријатот на УНФЦЦЦ како 23 држава во светот. Националниот придонес предвидува да се намалат емисиите на јаглероден диоксид од согорувањето на фосилни горива за 30%,односно за 36% при повисоко ниво на амбиција, до 2030 година во однос на референтното сценарио.
Во периодот 2015-2030 година, за реализација на сценариото за ублажување на климатските промени, потребните дополнителни инвестиции (во однос на референтното сценарио) се проценети на 4,2 милијарди евра, додека за реализација на поамбициозното сценарио за ублажување на 4,5 милијарди евра.
Реализацијата на зацртаните цели од конференцијата, а воедно и имплементацијата на националните политики и мерки за ублажување на климатските промени ќе зависи и од вклучувањето на приватниот сектор, од пристапот до нови извори на финансирање и зголемената меѓународна поддршка.
На конференцијата беше усвоена Декларација, со која се изрази заедничката подготвеност за соработка во насока на постигнување т.н “позелен” раст за регионот на ЦЕИ.
Во вториот дел од коференцијата се одржа тркалезна маса на која панел дискусиите беа фокусирани на темите: Улогата на науката како поттикнувач на ниски емисии на CO2; потребата за реформи во образовниот систем во насока на подготвување на идните генерации за предизвиците поврзани со климата; подигнување на свеста на јавноста преку градење филозофија за нискојаглеродно општество кај секој поединец; и прифаќање на модел на нискојаглеродна економија и сл. Одржувањето на конференцијата беше помогнато од Секретаријатот на ЦЕИ, Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ), Милиеуконтакт и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП)
Поздравни говори на конференцијата имаа и потпретседателот на Владата на Република Македонија, H.E. Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи, Н.Е. Никола Поповски, специјалниот советник на Генералниот секретар на ЦЕИ, Росо Чичона, постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, Н.Е. Луиза Винтон и раководителот на Одделот на делегацијата на ЕУ, Мауро ди Вероли.