По иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на владината седница на 1 декември 2020г. се усвои Заклучокот по кој министерот Нуредини издаде Наредба на Центарот за развој на Полошкиот плански регион, преку ангажираниот изведувач „Пелагонија“ АД Гостивар и ЈКП „Комуналец“ Гостивар, да спроведат брзи мерки за санирање на последиците по животната средина од работењето на постојната локација за отстранување на отпад во Русино, општина Гостивар.
Брзите мерки треба да опфатат изградба на систем за третман на исцедокот кој се состои од насип кој ќе спречува влевање на атмосферски води во веќе депонираниот отпад, канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во постоечката депонија, административна куќарка за вработените, вага за мерење на возилата кои транспортираат отпад за депонирање и делница каде ќе се постави вагата, за што се обезбедени средства преку Проектот за воспоставување на новиот регионален самоодржлив систем за управување со комунален отпад во целиот Полошки регион преку грант од Швајцарската Влада за Владата на РСМ од 1.900.000,00 швајцарски франци.
Овие активности досега не беа спроведени поради административно одоговлекување на постапките, заради што министерот Нуредини согласно начелата за превенција и висок степен на заштита од Законот за животна средина, издаде наредба со која ќе се спречи натамошното зголемување на акумулацијата на полутанти во сите медиуми на животната средина во пошироката околина и загрозување на здравјето на луѓето.
Во рамки на проектот досега се реализирани следните активности: Изработен и одобрен од страна на МЖСПП Регионален план за управување со отпад за Полошки регион; Стратешка оцена на животната средина на планот (СЕА); Физибилити студија (ФС); Анализа на придобивките и трошоците (АПТ); Оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС); Детални проекти и помош при подготовка на тендерски дoкументи за договори за работи и набавки за изградба на избраните постојки за претовар, третман и отстранување на отпад, за затворање и санација на нестандардни депонии и диви депонии и за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад сообразно со стандардите на ЕУ; Подготовка на севкупната документација за основање на Регионално Јавно Претпријатие за управување со отпад за Полошкиот регион; кое ќе управува со идната регионална депонија, а ќе се финансира сразмерно од страна на секоја општина; Набавени се контејнери за сите општини во Полошкиот регион; и Изработени и емитувани се ТВ спотови за подигнување на јавната свест кај граѓаните.
Успешното завршување на овој проект е предуслов за обезбедување на дополнителни средства за изградба на санитарната депонија.
Наредба (pdf- 1MB)