(18.02.2016г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска, ја отвори почетната работилница на проектот ‘’Реформи во системот на водоснабдување, собирање и прочистување на урбаните отпадни води на локално ниво’’ со кој ќе се овозможи поефективно и поефикасно управување со услугите за водоснабдување, собирање и прочистување на урбаните отпадни води во иднина.
– Проектот има за цел да им се помогне на Јавните комунални претпријатија во подобрување на нивната организација, управување, ефикасност и финансиска стабилност и подобрување на оперативните алатки на давање на водни услуги на локално ниво. Со овој проект се опфатени јавните комунални претпријатија од Градот Скопје и општините Тетово, Гостивар, Битола, Кавадарци, Струмица, Дебар, Радовиш, Кичево, Берово и Куманово – истакна министерот Изаири во своето обраќање, додавајќи дека во поголем дел од активностите ќе бидат вклучени и ЈКП од другите општини.
Собранието на Република Македонија во јануари оваа година го донесе Законот за утврдување на цените на водните услуги, со што воспостави нова процедура во одобрувањето на цените на истите. Проектот ќе обезбеди поддршка на Јавните комунални претпријатија во процесот на прилагодување и имплементирање на обврските кои произлегуваат за нив од овој закон и се очекува значително се подобри ефикасноста во работењето на ЈКП и квалитетот на водните услуги што ги даваат.
Проектот е инициран од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање во рамките на ИПА програмата, а е имплементиран од страна на компанијата Ептиса во конзорциум со Сетек и Геинг. На отварањето се обратија и Мартин Клауке раководител на сектор за соработка на ЕУ делагацијата и Игор Спасовски претседател на управниот одбор на АДКОМ.