(07.10.2015)Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска, во Белград, учествуваше на Првиот меѓународен форум за реформа на системот за издавање на градежни дозволи во Југоисточна Европа на тема „Реформа на градежни дозволи за поконкурентни региони“.
Министерот Изаири имаше свое излагање во Панел I, кој се однесува на воведување на електронски системи за издавање на градежни дозволи.
Истакнувајќи дека Република Македонија оствари значаен напредок во поедноставувањето и забрзувањето на постапката за издавање на градежните дозволи, што овозможи поголема конкурентност и намалување на административните бариери, тој потенцираше дека заштитата на животната средина претставува интегрален дел на постапката за издавање на градежните дозволи, која претходи и од чие успешно спроведување зависи исходот на издавањето на дозволите за градење. Понатаму, во своето излагање, министерот Изаири ја образложи постапката за оцена на влијанието на проектите и плановите врз животната средина, попозната како ЕИА постапка која во Република Македонија целосно се спроведува уште од 2006 година, и која започнува уште во фазата на идеја и пред изработката на основните проекти.
„Сакам да потсетам дека заштитата на животната средина претставува интегрален дел на постапката за издавање на градежните дозволи, и без нејзино почитување одлуките за развој нема да бидат одржливи. Можеби на почетокот овие постапки изгледаа како да го забавуваат целиот процес на издавање на дозволите, но потоа се покажа дека оценката на влијанието на плановите и проектите врз животната средина и здравјето на луѓето го стимулира доаѓањето на квалитетни и сериозни инвеститори во државата“ порача Изаири на крајот од излагањето.
Меѓународниот форум отвори можности за министрите одговорни за градежните активности од регионот (со своите најблиски соработници) да разменат искуства и да дискутираат околу спроведувањето на реформите за градежни дозволи, со цел заедничка изградба на поконкурентен регион.