Денеска во Штип се одржа работилница на тема „Како до повеќе податоци за подобар воздух”, во организација на Универзитетот “Гоце Делчев”, Штип, во соработка со ФИНКИ, ФЕИТ и МЖСПП. На настанот, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули одржа презентација на која зборуваше за предизвиците на новите технологии на мониторинг на квалитет на воздух, законската усогласеност и подобрувањето на квалитетот на податоците, како и за зголемувањето на покриеноста и развојот на идните мрежи за мониторинг.
Во своето опсежно излагање Макрадули истакна дека се залага за институцијализирање на едно советодавно тело кое Министерството за животна средина и просторно планирање планира да го формира со експерти од универзитетите во нашата држава, МАНУ и Фондот за иновации.
Притоа тој додаде дека наскоро треба да произлезе една информатичка платформа која ќе ги обединува сите податоци, мерења, студии и истражувања, заедно со предлози и решенија како да ја подобриме состојбата со квалитетот на воздухот во целата држава. Исто така, во рамките на ова советодавно тело ќе се бараат фондови за финансирање на сите активности и решенија за научно и долгорочно справување со проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух.
Проф. д-р Дејан Мираковски од Универзитетот “Гоце Делчев” преку својата презентација објасни како најдобро можат да се усогласат нашите со европските критериуми за мерење, но и како најлесно да се имплементираат соодветните технологии за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух.
Во рамки на работилницата се разви плодна дискусија во која со свои идеи, излагања и презентации учествуваа и експерти од Факултетот за информатички технологии ФИНКИ од Скопје, како и од Македонската Академија за науки и уметности и од Програмата за развој на Обединетите Нации УНДП.