Координативна средба со НВО за отпочнување на кампањата за заштита на Шар Планина

Zoom_MZSPPЦентарот за едукација и развој-ЦЕД во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) организираше онлајн ZOOM средба со невладините организации на тема „Следни комуникациски чекори во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк“. Во своето воведно обраќање министерот за животна средина Насер Нуредини изрази голема благодарност за интересот и поддршката што граѓанскиот сектор ја дава на процесот на прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје, потенцирајќи ја важноста на партнерскиот однос што институцијата ја гради со невладините организации. При тоа Нуредини укажа на фактот дека само со здружени сили и капацитети ќе можеме да ја  заштитиме Шар Планина обезбедувајќи одржливо управување со ова природно богатство. Тој порача дека Министерството ќе ја даде сета поддршка за обезбедување на учеството на јавноста, но дека сега пораката за предностите од прогласувањето на Шара за национален парк е во рацете на невладините организации, кои добро го познаваат теренот и локалното население на Шар Планина и имаат богато искуство стекнато со спроведување на низа проекти досега.

Shar Planina_1Во рамки на состанокот се најави јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк којашто е поддржана од УНЕП, а ќе биде спроведувана од Центарот за едукација и развој и другите организации од платформата „Пријатели на Шара“. Исто така беше претставен и Меморандумот за соработка кој што МЖСПП го потпиша со низа НВО и е отворен за пристапување, со цел да се даде рамка и визибилитет на соработката која е потребна за успешно да се заврши процесот на прогласување, но и за обезбедување на заштитата реализирана на терен.

Свое обраќање на средбата имаа и претставниците на УНЕП, ЦЕД, Македонско еколошко друштво, како и Kанцеларијата за односи со јавностa при МЖСПП.

Со цел да се обезбеди висок степен на транспарентност на процесот, на веб страницата на МЖСПП е отворена посебна потстраница каде се објавени документите поврзани со процесот.

Деталниот план за комуникација за кампањата и други релевантни документи за процесот се достапни на следниот линк:

www.moepp.gov.mk/?page_id=22568