(08.11.2019г.) Државни Инспектори од Државниот Инспекторат за животна средина координирано со овластените инспектори за животна средина на општина Кисела Вода и Градот Скопје и екипа на Министерството за внатрешни работи со Дирекцијата за заштита и спасување извршиле инспекциски надзор во кругот на ОХИС-Органско Хемиска Индустрија “Наум Наумовски Борче”, Скопје каде се случило излевање на вода со која била чистена празна цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер кој е целосно и безбедно препакуван.
Инспекциските служби на централно и локално ниво постапиле по дојава од жители кои утрово почувствувале непријатна миризба во околината на фабриката. Истекувањето се случило на локација каде правен субјект од Скопје препакува и отстранува историски отпадни хемикалии во течна состојба кои се неупотребливи и останати од поранешната фабрика, а кои ќе се извезуваат во странство. Истечена е вода од цистерна во која бил претходно складиран метил акрилат мономер. Откако е испразнета цистерната, фирмата имала обврска истата да ја исчисти. При перењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот и затоа се почувствувала непријатна миризба во околината. Лабораторијата на МВР зема проба која ќе биде лабораториски испитана, по што ќе следува понатамошно водење на инспекциската постапка. Од страна на Државен инспектор за животна средина ќе биде изготвен Записник за констатирана состојба на лице место, а правниот субјект е веднаш задолжен да работи на терен цела ноќ за да целата излеана течност од кадата биде преточена во соодветно пакување, а во текот на викендот (сабота 9.11.2019г.) ќе биде извршен контролен инспекциски надзор од страна на ДИЖС.
Отпадниот материјал е планирано целосно да биде извезен надвор од Северна Македонија.
Инаку, историскиот течен опасен отпад е безбедно преточен во специјални ADR буриња од страна на правниот субјект Екоцентар 97, Скопје (http://ekocentar97.mk/), во август месец годинава, врз основа на одобрен Елаборат за животна средина од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање како изведувач на активностите, во депото каде беше лоциран историскиот течен опасен отпад, а во соработка со подизведувачот бугарската фирма Сириус Стар од Русе. Преточувањето на течниот опасен историски отпад од старите буриња безбедно се направи со соодветна опрема во нови ADR специјални буриња кои се сместени во затворен наменски магацин и истите се обележани согласно Правилникот – Листа за видови отпад. Активностите беа проследени со вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Складираните буриња е планирано да се извезат надвор од државата согласно важечките законски процедури за извоз од Законот за управување со отпадот“.