Согласно член 14 став 1 од Законот за заштита на природата (”Службен весник на Република Македонија бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10, 47/11, 148/11, 59/12, 13/13, 163/13, 41/14, 146/15, 39/16 и 113/18”), Министерот за животна средина и просторно планирање донесе НАРЕДБА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА СОБИРАЊЕ НА РАСТИТЕЛНИОТ ВИД ARCTOSTAPHYLOS UVA URSI (МЕЧКИНО ГРОЗЈЕ), ЗАРАДИ КОРИСТЕЊЕ И ТРГОВИЈА.
Оваа наредба е објавена во ”Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 201/2021 година).
Наредбата е донесено согласно извештајот за направената проценка на состојбата на популациите и количините на видот мечкино грозје на локации од економска важност на територијата на Република Северна Македонија. Овој извештај е изготвен во рамки на проектот ,, Зачувување на биолошката разновидност преку ефикасно управување со заштитените области и вклучување на биолошката разновидност во управување со земјиштето,, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), чиј краен корисник на резултатите е Министерството за животна средина и просторно планирање.
Оваа наредба е донесена со цел превенција и заштита од негово истребување бидејќи овој вид неконтролирано се собира во огромни количини и со тоа може да дојде до негово исчезнување во природата.
Поради бавниот раст и бавното обновување на популациите на мечкино грозје, дозволено е да се собираат максимум 70% од достапните количини со цел да се обезбеди одржлива употреба на видот.
При собирање на мечкиното грозје треба да се води сметка да се собираат исклучиво гранки не помали од 15 см и тоа во месеците август и септември.
Ограничувањето на собирањето на мечкиното грозје се носи за период од 5 години од денот на објавување на оваа наредба во службен весник.