Министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова денеска го отвори официјалниот настан за започнување на твининг проектот финансиран од ЕУ: „Поддршка на спроведување на законската рамка за управување со отпад и системот на проширена одговорност на производителите (ПОП)“.
Според неа, проектот ќе овозможи ефикасно и делотворно функционирање на модерна и одговорна индустрија за рециклирање и преработка на отпад во Република Северна Македонија, согласно начелата на циркуларна економија.
– Во рамките на овој проект треба да се развие професионален, отчетен и ефикасен систем на проширена одговорност на производителот, што ќе дава конкретни резултати, при што ќе се зајакнат капацитетите на надлежните органи и на другите засегнати страни за управување со отпад преку современ систем за евидентирање и известување – истакна министерката Шукова.
Таа нагласи и дека, имајки го во предвид стартешкиот приоритет на Владата на Република Северна Македонија за интегрирање во ЕУ, помошта што ја добиваме од Евроската Унија ќе ни овозможи стручна и непристрасна законска регулатива, достапност на информациите за јавноста, учество на заинтересираните страни во процесот на одлучување и квалитетна проценка на ризикот.
– Ако кон ова се додаде и проценката на социо-економските влијанија, јасно е дека се работи за регулативи кои ќе овозможат максимално избегнување на негативните ефекти врз животната средина и квалитетно спроведување на политиката за животна средина, во насока на остварување на целите на одржлив развој и циркуларна економија – рече министерката Шукова.
Воедно, Шукова додаде и дека за успешна реализација на проектите и квалитетно спроведување на политиката за животна средина, неопходно е подигање на професионалните капацитети, како и стручен, чесен и одговорен приод не само кај државните службеници, туку и кај индустријата.
На денешниот настан свои обраќања имаа и раководителот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје Штефан Худолин, aмбасадорот на Унгарија, Н.Е. Андраш Клајн и aмбасадорот на Австрија, Н.Е. Георг Вутсас, а важни информации околу значењето и влијанието на овој проект споделија претставници од повеќе институции-учеснички и други клучни чинители од Европската Унија.
Новиот твининг проект, во период од 24 месеци, ќе го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, во партнерство со Фондацијата за климатска заштита „Сина планета“ како главен партнер и Република Австрија како помлад партнер, и има за цел да овозможи зајакнување на системот за проширена одговорност на производителите во нашата држава.
Воспоставувањето на систем на ПОП во Северна Македонија ќе обезбеди правилен третман на сите посебни текови на отпад (пакување, ОЕЕО, акумулатори и батерии, текстил, гуми, искористени возила и отпадни масла) и ќе резултира во оптимално одделно собирање на споменатите текови на отпад од несортиран комунален цврст отпад. Проектот има за цел да се формира независна институција, Тело за балансирана одговорност на производителите (ТБП), од кое ќе се очекува да ги поддржи, координира и обезбеди делотворно работење на колективните постапувачи во земјава. Главната цел на ова тело ќе биде да овозможи еднакви услови за работа на производителите, трговците, собирачите на отпад и постројките за третман на отпад, помагајќи го соодветното спроведување на законските одредби, со што се обезбедува високо ниво на транспарентност на процесот.