Денеска во Куманово беше одбележан почетокот на проектот за уредување на коритото на Липковска Река.
– Намалувањето на ризикот од поплави е еден од главните приоритети во општина Куманово. Затоа Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со Програмата за развој на Обединетите нации и со Јапонската влада инвестира во уредување на коритото на Липковска Река со што се обезбедува директна и долгорочна заштита на голем број жители кои живеат во овој дел на градот – изјави министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки.
Со првата фаза од проектот ќе се врши уредување на коритото во должина од 400 метри. Во наредниот период, со помош на УНДП и со општина Куманово ќе се обезбедат финансиски средства за уредување на целото корито на Липковска Река во должина од 1,8 километри.
Вкупната вредност на проектот изнесува над 800.000 евра. Дел од средствата во износ од околу 200 илјади евра се обезбедени од Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање, а останатиот дел од општина Куманово, владата на Јапонија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Според проценките на експертите, се очекува инвестицијата да резултира со просечни добивки од скоро 350 илјади евра на годишно ниво, како резултат на избегнати штети од поплави.
На настанот обраќања имаа и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон и амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда.