По неколкумесечна интензивна работа на терен, завршија градежните активности за уредување на речното корито на Липковска Река во oпштина Липково. Успешното завршувањето на работите денеска беше одбележано со посета на локацијата од страна на министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон и градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи.
„Станува збор за еден од многуте успешни проекти кои се резултат на плодната соработка што Министерството за животна средина и просторно планирање ја има со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во областа на управувањето со водите и ризикот од поплави.
Овој тип на проекти ќе продолжат да бидат приоритет за министерството и во идниот период, со оглед на ризиците од поплавите со кои се соочуваат бројни населени места во државата“, изјави министерот Садула Дураки.
„Препознавајќи ја потребата од воспоставување на систем за интегрирано управување со ризикот од поплавите, веќе подолго време, УНДП работи на спроведување на сеопфатни студии и планови, како и одделни проекти за ублажување на ризикот на територијата на цела држава.
Овој тип инфраструктурни проекти имаат важна улога во директното намалување на ризикот и јакнење на отпорноста.
Сепак, обезбедувањето на долгорочна заштита зависи и од институционалното зајакнување и воведувањето на соодветни финансиски инструменти за превенција“, додаде Луиза Винтон, Постојан Претставник на УНДП.
Станува збор за проект со кој се продолжи постојната регулација во Липково за дополнителни 400 метри, за што од страна на УНДП беа обезбедени околу 200,000 американски долари.
Ова е еден од серијата на инфраструктурни проекти што во последниот период се реализираа на територијата на Општина Липково, а чијашто цел е подобрување на условите за живот на локалното население. Благодарение ја поддршката на УНДП успеавме да обезбедиме солидна заштита од поплави на многу важен дел од центарот на Липково“, изјави градоначалникот Еркан Арифи.
Проектот е дел од заедничките напори на Министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП, да ја подобрат состојбата во државата по однос на заштитата од поплавите во регионите под висок ризик.