(01.08.2019г.) Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, присуствуваше и се обрати на завршниот настан на твининг проектот: “Зајакнување на капацитетите за ефективно спроведување на европското законодавство во областа на заштитата на природата“,кој денес се одржа во Природно-научниот музеј во Скопје.
– Министерството за животна средина и просторно планирање како ресорно министерство препознава дека една од најзначајните ЕУ политики во областа на заштита на природата се ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои воедно се основните правни механизми за воспоставување на Европската еколошка мрежа Натура 2000 – изјави Петровска во воведното обраќање, нагаласувајќи дека Натура 2000 отвора нови можности во руралните средини преку развој на еко-туризмот, одржливото земјоделство и користењето на природните ресурси на начин кој не ја загрозува природата, а воедно може да стане важен извор на приходи за локалното население.
Целта на Проектот, во времетраење од 21 месец, од ноември 2017г. до август 2019 година, беше да се зајакнат административните капацитети на Секторот за природа на Министерството за спроведување на европското законодавство во областа на заштитата на природата, преку унапредување и спроведување на регулативата, спроведување на обуки и законодавството кое се однесува на заштитата на природата.
Проектот е реализиран во соработка со Финскиот институт за животна средина (SYKE), Паркови и диви животни на Финска (Metsähallitus) и Државната служба за заштитени подрачја (SSPA) од Литванија.
Од проектот произлегоа голем број на резултати и продукти, меѓу кои се подготвија подзаконски акти со цел целосно транспонирање на ЕУ директивите за живеалишта и птици, се продолжи со процесот на идентификација на природните живеалишта, растителните и животинските видови и птици од ЕУ значење во две пилот заштитени подрачја и потенцијални Натура 2000 подрачја – НП Пелистер и Споменик на природа Преспанско езеро, се изготвија Студии за ревалоризација и нацрт-планови за управување за делот за Натура 2000 за двете пилот подрачја, како и Студија за Петгодишен мониторинг на биодиверзитетот на национално ниво, протоколи за мониторинг за живеалишта, растенија, животни и птици од ЕУ значење, план за тренинг-обуки за спроведување на ЕУ директивите за живеалишта и видови и физибилити студија за вклучување на граѓанското општество во мониторинг.
Во исто време, зајакнати се капацитетите на Секторот за природа во Министерството, на НП Пелистер и Општина Ресен , особено за мониторинг на живеалишта, видови и птици. Покрај ова изготвени се општа брошура за Натура 2000, брошури за природните вредности на НП Пелистер и Споменик на природа Преспанско Езеро и се одржува вeб- страница за Натура 2000.
На завршниот настан присуствуваа и се обратија шефот за одделот за соработка во Делегација на ЕУ, Никола Бертолини, амбасадорот на Финска Кимо Лахдевирта и лидерот на тимот Петри Алрот, директор на Финскиот институт за животна средина.