Доделена четврта дозвола за колективен постапувач со отпад од електрична и електронска опрема

1(01.10.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска, додели дозвола за колективен постапувач со отпад од електрична и електронска опрема на „Екон Eлектрон“.

– Основна цел е намалување на негативното влијание од овој вид на отпад врз животната средина, т. е. врз здравјето на луѓето, како и унапредување на стандардите за заштита на животната средина од страна на производителите, трговците и крајните корисници, особено при третман, преработка и отстранување на електричната и електронската опрема – изјави министерот Изаири во своето обраќање при доделувањето.

Ова е четврта дозвола која Министерството за животна средина и просторно планирање ја издава на колективен постапувач со отпад од електрична и електронска опрема во Македонија. Досега, таква дозвола имаат добиено „Нула Отпад“ од Скопје, „Ел Колект ДОО увоз-извоз“ и „Електро Еко Систем“

Компанијата „Екон Eлектрон ДОО“ е основана од страна на „Горење“, „Сетек“, „Агротехна“ и „Римеко“.

– Денеска симболично го отвораме и првото собирно место. До крајот на оваа година планираме отворање на 50 собирни места и 2 собирни центри на места каде што „Горење“, „Сетек“, „Агротехна“ и „Римеко“ имаат свои деловни простории. Во наредниот период е планирано отворање на „call“ центар и веб портал каде што граѓаните ќе можат да се информираат за постапувањето со отпадот од електрична и електронска опрема – истакна Панче Ангелов, управител на „Екон Eлектрон“.

http://play.mrt.com.mk/play/72414/