(31.01.2020) Во Тирана, Албанија во изминатите два дена (29 и 30 јануари) се одржа седмата годишна Дримска конференција на која присуствуваше државниот секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска. Конференцијата се одржа како една од активностите за одбележувањето на 10-годишнината од започнувањето на Дримскиот процес – институционална структура формирана да обезбеди координирана акција во Дримскиот Басен.
Во воведното обраќања Петровска го потенцираше значењето на интегрираното управување со водите во прекуграничен контекст за зачувување на овој важен ресурс и за намалување на климатските промени, нагласувајќи колку е важно овие проектни активности да бидат поддржани од централната и локалната власт во земјите.
Повеќе од 120 претставници од министерства, граѓански организации, академци и корисници на водните услуги од Северна Македонија, Албанија, Грција, Косово и Црна гора два дена разговараа за одржливото управување со природните ресурси од Дримскиот басен и проблемите со кои притоа се соочуваме, со акцент на справување со сушите и нивниот ефект врз општеството, економијата и екосистемите, што беше главна тема на овогодишната конференција.
Дримската конференција е организирана од страна на Глобалното партнерство за води-Медитеран (ГВП Мед), како дел од процесот за имплементација на Дримскиот Меморандум за разбирање во кој учествуваат пет држави – Северна Македонија, Албанија, Грција, Косово и Црна Гора. Истата е поддржана од два проекти: Проектот финансиран од ГЕФ (Глобалнкиот Еколошки Фонг), имплементиран преку УНДП и извршуван преку ГВП Мед во партнерство со Економската комисија за Европа при Обединетите Нации (УНЕЦЕ); и проектот „Промоција на одржливо управување со природните ресурси во Југоисточна Европа низ употреба на НЕКСУС пристапот“ кој е финансиран од Австриската агенција за развој (АДА), каде Дримскиот басен е еден од басените во фокус.