(23.03.2016г) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Замир Дика денеска, потпишаа договор за финансирање на проектите: „Утврдување на реалниот потенцијал за реализација на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот во о. Кичево и Кавадарци“ и „Спроведување на методологијата и оперативните активности при процесот за реализација на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк“.
– Имаме изработено Национален план за квалитет на воздух, за кој планираме ревидирање односно усовршување, подобрување. Но, она што го сметам за особено важно е изработката на локалните планови каде научно и на локално ниво ќе се детектираат изворите на загадување, како основа за дефинирање на мерки за намалување на загадувањето на воздухот – истакна минисатерот Изаири, додавајќи дека со финансиска помош од европските програми ФАРЕ, КАРДС и ИПА, Министерството ја има подготвено законската легислатива во областа на воздухот со транспонирани директиви на Европската Унија, дека е воспоставен Државен aвтоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, систем за квалитетно управување со податоците, како и портал за квалитет на воздух за презентирање на сите релевантни податоци и информации од областа на воздухот.
Што се однесува на активностите на Министерството заподобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со новиот договор, се предвидува изработка на локални планови за подобрување на квалитетот на воздухот за градовите Кичево и Кавадарци. Во рамки на тековниот твининг проект „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на квалитетот на воздухот“, се изработуваат локални планови за подобрување на квалитетот на воздухот за град Скопје, Тетово и за Битола, со што ќе бидат опфатени сите пет најжешки точки во однос на загадувањето на воздухот. Тие планови ќе ги детектираат изворите на загадувањето специфични за секоја општина, како и превентивните и ургентни мерки кои треба да се преземат.
Од Програмата за инвестиции во животната средина за 2015 година, Министерството го има финансирано и проектот со кој се обезбедуваат дополнителни три мобилни, самоодржувачки мониторинг станици за градот Тетово, со цел да се подобри мониторинг мрежата во овој полошки град.
Договорот за Спроведување на методологијата и оперативните активности при процесот за реализација на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк, пак подразбира детерминирање на методологија со која ќе биде дефиниран целиот процес при имплементација на иницијативата, при што треба да биде опфатена евалуација на сите досегашни релевантни активности, документи и студии и да се подготви нова стратегија со која на правилен начин ќе се мотивира локалното месно население да заземе позитивен пристап кон ваквата иницијатива.
Во рамки на настанот, се одржа и тркалезна маса на која се презентираа досегашните активности на двете институции во однос на темите, како и планираните понатамошни активности.