Со оглед на екстремно високите температури и ниската влажност на воздухот кои креираат идеални предуслови за пожари, Министерството за животна средина и просторно планирање упатува АПЕЛ до граѓаните на Република Северна Македонија, одговорно да се однесуваат на отворено, со цел намалување на заканите од пожари што веќе беснееат во некои региони од државата.
Посебно апелираме земјоделците да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, а доколку се поминува подолго време во природа, граѓаните да се воздржат од какво било палење на оган на отворено и да пријават секакво забележување на оган во природа.
Шумски пожари се појаваат кога преовладуваат екстремни временски услови, од кои главни се долгите периоди на суша и топлотни бранови. Како што овие временски услови стануваат поекстремни или подолги, ризикот од пожар се зголемува,односно, климатските промени ја зголемуваат шансата за создавање услови кои придонесуваат за избувнување и неконтролирано ширење на пожарите.
Со оглед на тоа дека пожарите имаат сериозни негативни последици не само за шумскиот фонд, туку влијаат и на квалитетот на воздухот, на животот и здравјето на луѓето, на биодиверзитетот и на целокупните климатски промени, напоменуваме дека сите сторители ќе бидат казнети согласно пропишаните законски одредби кои предвидуваат соодветни казни за физички и правни лица.