Во периодот од 02 до 07 Септември 2018 година, во комплексот на лабораторијата на UBA Pilot station во Ланген, Германија, во организација на World Health Organisation (WHO) и European Commission/Joint Research Centre (EC/JRC)се одржа обука, работилница и интерлабораториски компаративни мерења на неоргански загадувачки супстанции во воздухот (NO, NO2, CO, O3 и SO2 гасови), коишто се мерат со мерните инструменти (анализатори) кои се наоѓаат во Автоматските Мониторинг станици во Република Македонија.
На оваа работилница се извршија компаративни (споредливи) мерења со калибрациони лаборатории во Европа, за сите еталонски или референтни анализатори (мерни инструменти) кои се наоѓаат во Калибрационата лабораторија за квалитет на амбиентен воздух. Оваа работилница е продолжение на интерлабораториските компаративни мерења и одржување на следливоста на стандардите за калибрација со споредба на резултатите од извршените мерења со останатите лаборатории во Европа. Калибрационата лабораторија во минатото учествуваше и на интерлабораториските компаративни мерења кои се одржаа во Ланген, Германија во 2015, 2013, 2011 и 2009 година, понатаму во Испра, Италија во 2008 година и во Есен, Германија во 2007 година.
Овие интерлабораториски компаративни мерења се потребни за одредување и следење на компатибилноста на Калибрационата лабораторија со исти такви лаборатории од Европската унија со што и подготовките за започнување на процесот за акредитација на нашата лабораторија ќе се подобрат и забрзаат.
По завршувањето на мерењата, добиените резултати се праќаат назад, со што се изготвува извештај и евалуација на резултатите од извршените мерења за сите загадувачки супстанции и за секоја лабораторија учесничка на мерењата. Во извештајот се наведуваат оценки за резултатите од мерењата и забележаните пропусти доколку ги има, со цел истите да се отстранат до следните организирани интеркомпаративни мерења.
Со тоа се овозможува Калибрационата лабораторија која е опремена со еталонски анализатори и стандарди за калибрација да може да изведе квалитетна калибрација на сите мерни инструменти од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух. Калибрацијата на анализаторите од мониторинг станиците за мерење на квалитетот на амбиентниот воздух е најважниот дел од работата на анализаторите, бидејќи со калибрацијата анализаторите од станиците се контролираат и подесуваат да покажуваат точни, валидни и веродостојни податоци за концентрацијата на загадувачките супстанци.
На оваа проблематика работат инженерите Љупчо Гроздановски и Игор Атанасов.