Во сабота, 27 декември 2014 год., со почеток од 11.00 часот ќе се одбележи официјалното пуштање во употреба на системот за управување со отпадните води во с. Наколец, на брегот на Преспанското Езеро.
По тој повод во посета на успешно завршениот проект ќе бидат министерот за животна средина и просторно планирање, г-дин Нурхан Изаири, постојаниот претставник на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон и градоначалникот на општина Ресен, г-дин Ѓоко Стрезовски.
Со вкупна инвестиција од над 500,000 УСД, изградени се канализациона мрежа со должина од 4.2 км и современа пречистителна станица, со што се овозможува безбедно зафаќање и ефикасен третман на отпадните води од ова крајбрежно населено место. На тој начин, не само што конкретно се придонесува кон заштитата на Преспанското Езеро, туку значително се подобрува и квалитетот на живот на локалното население.
Средствата за оваа значајна инвестиција беа обезбедени од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ) во рамките на Проектот за заштита на Преспанското Езеро. Општината Ресен и Министерството за животна средина и просторно планирање го спроведуваа овој проект благодарение на техничката поддршка на УНДП.
Се покануваат медиумите да земат учество на овој настан во с. Наколец.
За заинтересираните претставници на медиумите и дописниците од регионот ќе биде обезбеден превоз од Битола од пред хотел Епинал во 10.00 часот.
За повеќе информации ве молиме да контактирате со г-дин Сашо Секуловски од Министерството за животна средина и просторно планирање на 076 456 716 и sekulovskisaso@yahoo.com и г-динДимитријаСековскиод УНДП/Проект за заштита на Преспанското Езеро на 070 367 231 и dimitar.sekovski@undp.org.