БУЧАВА

ИЗВЕШТАИ
РЕЗИМЕ

ДПСИР рамка

DPSIR_ramka_rezime_Indikatori_Bucava

 

  1. Што се случува?

Бучавата во животната средина претставува сериозен здравствено еколошки проблем како во земјите од Европа така и во Северна Македонија. Звуците се дел од нашиот секојдневен живот, тие често пати се несакан или штетен звук во надворешната средина создаден од човековите активности.

Комуналната бучава првенствено влијае на квалитетот на животот, попречување на природниот ритам на работа и одмор. Таа предизвикува, како физички, така и психички проблеми кај населението, со тоа што ги нарушува основните активности на човекот како што се спиење, одмор, учење, комуникација, а особено влијае на оштетување на слухот.

1.1.  Каква е состојбата со управувањето со бучава во животната средина?

1.1.1.       Донесување и спроведување на плански документи

Согласно одредбите од Законот за бучава во животната средина надлежност за изработка, донесување, користење и чување на стратешки карти и акциони планови за бучава имаат:

–         Министерството за животна средина и просторно планирање, за главни патишта, главни железнички пруги и главни аеродроми.

–         Советот на општините и на градот Скопје, за агломерации и за населени места.

–         Правното лице, кое управува со подрачјето од посебен интерес, за подрачје од посебен интерес.

Следен чекор после изработката на стратешката карта за бучава е изработка на акционен план за бучава кој се изработува врз основа на податоците од стратешката карта и други релевантни стратешки документи.

Особено значајно е информирањето на пошироката јавност за состојбата со бучавата, односно, објавување на стратешките карти и акционите планови за бучава и информирање на засегнатото население и надлежните органи, за превенцијата и намалувањето на бучавата и на потенцијалните негативни здравствени ефекти од бучавата.

Во Северна Македонија, сеуште не се изработени стратешки карти за бучава за агломерации, главни патишта, аеродроми и населени места и подрачја од посебен интерес. Заради тоа, засега нема можност да се прикаже проценетиот број на станови, училишта, болници и жители изложени на различни нивоа на бучава.

1.1.2.       Оценување со индикатори за бучава

1.1.2.1.             Измерени нивоа на бучава

Центрите за јавно здравје во Скопје, Битола, Кичево и Куманово вршат мерења на нивото на комунална бучава, два пати годишно, на повеќе мерни места. Интензитетот на бучавата е прикажан преку основните индикатори за бучава, вкупна изложеност на бучава (целодневна бучава) (Lдвн), преку ноќ-Lн и максимално ниво на бучава – LAmax, изразени во dB(A).

–    Индикатор за вкупна изложеност на бучава (целодневна бучава) во животнaта средина (Lдвн)

Согласно обработените податоци може да се заклучи дека во целиот разгледуван период, на сите мерни места, интензитетот на комуналната бучава во животната средина во Скопје, Кичево и Куманово, за основниот индикатор Lдвн, е над препорачаното ниво од 53 dB (A). Максимално надминување на препорачаното ниво на целодневна бучава се забележува во Куманово, во сите години, надминувањето се движи помеѓу најниско 9,49 dB(A) и највисоко 23,82 dB(A).

Споредено со препорачаната цел на Светската здравствена организација, интензитетот на целодневната бучава да не ја надмине вредноста од 53 dB (A), овој процент е многу мал и изнесува околу 10,2%, што укажува на тоа дека мерењата на интензитетот на бучава кој ја надминува вредноста од 53 dB(A) е доста висок и изнесува 89,8% вкупно за мерењата во анализираните градови.

–    Индикатор за бучава преку ноќ-Lн

Во однос на овој индикатор може да се заклучи дека сите четири разгледувани градови имаат големо загадување од бучава во животната средина, односно интензитетот на бучава во ноќниот период ги надминува граничните вредности на скоро сите мерни места во разгледуваниот период. Куманово е град со најголемо загадување од бучава и интензитетот на бучава во животната средина, во целиот разгледуван период, на сите мерни места за основниот индикатор бучава преку ноќ-Lн, е над дозволената гранична вредност, со максимално надминување на граничната вредност за 28,7 dB(A).

Исто така, споредено со препорачаната цел на Светската здравствена организација, интензитетот на бучава преку ноќ да не ја надмине вредноста од 45 dB (A), може да се заклучи дека овој процент е многу мал и изнесува 5,3%, што укажува на тоа дека интензитетот на бучава кој ја надминува вредноста од 45 dB (A) е доста висок и изнесува 94,7%.

–    Индикатор за максимално ниво на бучава – LAmax

Согласно обработените податоци од комунална бучава може да се заклучи дека сите четири разгледувани градови имаат големо загадување од бучава во животната средина, односно интензитетот на дополнителниот индикатор LAmax, во сите четири града има значително надминување на граничната вредност.

Споредено со граничната вредност, интензитетот на максималното ниво на бучава да не ја надмине вредноста од 60 dB (A), може да се заклучи дека овој процент е многу мал и изнесува 8,6%, вкупно за мерењата во анализираните градови, што укажува на тоа дека мерењата на интензитетот на бучава кој ја надминува вредноста од 60 dB(A) е доста висок и изнесува 91,4%.

1.1.2.2.             Население кое смета дека е изложено на бучава

Пресметката на индикаторот се прави врз основа на субјективно изјаснување на членовите на домаќинствата интервјуирани во анкетата за приходи и услови на живеење. Врз основа на податоците во разгледуваниот период се забележува тренд на опаѓање на вкупниот процент од 13,1% во 2010 на 7,5% во 2020, што претставува пад од 42,7% на вкупниот процент на население кое смета дека е изложено на бучава.

1.1.2.3.             Бучава од индустријата

Во однос на бучавата во животната средина предизвикана од активностите на индустријата, врз основа на податоците доставени од инсталациите кои вршат мерења, се забележува дека надминување на граничната вредност има на многу мал број мерни места. Оваа констатација е со голема несигурност, заради малиот број на доставени податоци. Се очекува со воспоставување на националниот информациски систем за животната средина, процентот и квалитетот на доставените податоци да се подобри.

1.1.3.       Ефекти од бучавата врз здравјето на луѓето

Долготрајна изложеност на постојани или високи нивоа на бучава има негативни влијанија врз здравјето на луѓето. Врз основа на студии направени од страна на Институтот за јавно здравје, најчесто како последица на зголемено ниво на бучава кај населението се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност, оштетување на слухот, висок крвен притисок, кардиоваскуларни проблеми и влијание врз психофизичката состојба.

Светската здравствена организација бучавата од сообраќајот ја смета за втор најштетен фактор на стрес, веднаш зад загадувањето на воздухот од PM честички. Исто така Европската агенција за животна средина бучавата од патниот транспорт, во или вон урбаните средини, ја смета за доминантен извор на бучава кој влијае на човековото здравје.

  1. Зошто се случува?

2.1.  Кои се главните извори на бучава во животната средина?

Главни причинители на бучава во животната средина се превозните средства во патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај и индустриските инсталации. Особено значајна и специфична за Северна Македонија е бучавата од градежните активности, соседството и бучавата предизвикана од друга самостојна звучна опрема, како што е бучавата од верските објекти.

Нивото на бучава која се емитува од некој извор многу зависи од оддалеченоста од изворот и местоположбата во однос на бариера која може да ја намали бучавата, доколку истата постои. Многу други фактори влијаат врз нивото на бучава, а резултатите од мерењето може да варираат до десетици децибели за многу сличен извор на бучава. Објаснување за оваа разлика е начинот како бучавата се емитува од изворот, како таа патува низ воздухот, и како пристигнува кај приeмникот.

2.2.  Кои се главните проблеми во процесот на управување со бучавата во животната средина?

Недонесените Стратешки карти и акциони планови за бучава врз основа на кои ќе може да се превземат конкретни мерки и активности за избегнување, спречување или намалување на бучавата во животната средина е една од основните причини заради која во сите разгледувани градови нивоата на измерена бучава се многу високи и имаат тенденција на пораст.

Недоволна или отсуство на активности за имплементација на одредбите од Законот за бучава во животната средина на локално и централно ниво.

  1. Дали имаме национална цел?

Општите национални цели се пропишани во Законот за заштита од бучава во животната средина и се однесуваат на:

–   создавање здрави услови за животот на луѓето и заштита на животната средина од бучава,

–   преземање мерки и активности за избегнување, спречување или намалување на бучавата,

–   преземање на мерки за заштита од бучава која е наметната од блиската средина и предизвикува непријатност и вознемирување,

–   отстранување или намалување на штетните ефекти кои се последица од изложеноста на бучавата во медиумите и областите на животната средина и

–   обезбедување на основа за развивање на мерки за намалување на бучавата што ја емитуваат поголемите извори, особено патните, железничките и водните превозни средства и инфраструктура, воздухопловите, опремата што се користи на отворен простор и во индустријата, како и мобилните механички средства за работа.

Во Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животната средина се дефинирани граничните вредности за ниво на бучава во животната средина предизвикана од различни извори диференцирани според   степенот на   заштита   од   бучава определени со Правилникот за локациите на мерните станици и мерните места.

Посебни цели препорачани од Светската здравствена организација:

–   интензитетот на целодневната бучава да не ја надмине вредноста од 53 dB (A)

–   интензитетот на бучавата преку ноќ да не ја надмине вредноста од 45 dB (A).

  1. Дали националната цел е постигната?

Националните и целите препорачани од Светската здравствена организација, за жал, сеуште не се остварени. За да се остварат, потребно е континуирано спроведување на мерки за заштита од бучава во животната средина.

  1. Клучни пораки за темата

Од измерените нивоа на бучава, споредено со препорачаната цел на Светската здравствена организација, интензитетот на целодневната бучава да не ја надмине вредноста од 53 dB (A) и интензитетот на бучава преку ноќ да не ја надмине вредноста од 45 dB (A), може да се заклучи дека процентот на мерења со нивоа на бучава под препорачаните цели е многу мал, што укажува на многу високи измерени нивоа на бучава.

Согласно обработените податоци од комунална бучава може да се заклучи дека од четирите разгледувани градови, Куманово е град со најголемо загадување од бучава. Нивото на бучава во животната средина во Куманово на сите мерни места и за сите три индикатори е над дозволената гранична вредност.

Недостаток на плански документи за управување со бучава во животната средина.

Бучавата во животната средина треба да добие поголем приоритет на ниво на политиките на земјата.

  1. Кои активности се/треба да се превземат?

6.1.  Легислатива

–        Донесување на сите подзаконски акти кои произлегуваат од одредбите на Законот за бучава во животната средина;

–        Да се обезбеди максимална имплементација на одредбите од важечката регулатива во областа на бучавата во животната средина;

6.2.  Плански документи

6.2.1.       Стратешки карти за бучава

–        Министерството за животна средина и просторно планирање и агломерациите задолжени за изработка на стратешки карти да започнат со процес на подготовка на истите во најкус можен рок;

6.2.2.       Останати планови

–        Во процесот на изработка на просторните и урбанистичките планови и актите за нивно спроведување, во рамките на содржината за заштита, задолжително треба да содржат и заштитни мерки за бучава;

–        Планските документи за објектот што се предмет за одобрение за градба, треба да ги исполнат посебните услови и мерки во врска со стандардите за заштита од бучава при градби;

–        Да се зачуваат мирните зони во агломерациите и надвор од нив, како такви;

6.2.3.       Мониторинг и информативен систем на бучава во животната средина

–        Да се изработи Стратегија за мониторинг на бучавата во животната средина и Годишна програма за работа на државната мрежа за мониторинг на бучава;

–        Потребно е да се воспостави државен мониторинг на бучава, кој претставува систематизирано мерење, следење и контрола на состојбите на бучавата во медиумите и областите на животната средина;

–        Потребно е да се воспостави Информативниот систем за состојбата на бучавата во животната средина како дел од севкупниот информативен систем за животна средина, кој ќе ги опфаќа податоците добиени од мониторингот на бучава, стратешките карти и акционите планови и други релевантни податоци добиени со поединечни мерења на бучава;

–        Да се воспостави Катастар на создавачи на бучава во животната средина

6.2.4.       Мерки за заштита од бучава во животната средина

–        Да се обезбеди модернизација на инсталациите со санација на постојните и воведување нови решенија по однос на намалување на бучавата;

–        Согласно обработените податоци од комунална бучава во разгледуваните градови во Северна Македонија да се превземат мерки за намалување на бучавата во животната средина.

ЛЕГИСЛАТИВА
р.б. Код Име на индикатор
95 МК НИ 073 Вкупна изложеност на бучава (целодневна бучава) во животнaта средина (Lдвн)
96 МК НИ 074 Интензитет на бучава преку ноќ (Lн)
97 МК НИ 075 Максимално ниво на бучава (LAmax)
98 МК НИ 076 Население во домаќинства кои сметаат дека страдаат од бучава, според статусот на сиромаштија

Бучава – Листа на индикатори и нивниот прогрес

ПОВРЗАНИ ИНДИКАТОРИ СО ТЕМАТА
р.б. Код Име на индикатор
I СОЦИО-ЕКОНОМСКИ ПРОМЕНИ
1 МК НИ 090 Број на население
2 МК НИ 091 Густина на население
V ПОЧВА И КОРИСТЕЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕ
49 МК НИ 013 Земјина покривка
X ДОМАЌИНСТВА
76 МК НИ 082 Изградба на нови живеалишта по региони
77 МК НИ 083 Стапка на пренаселеност во домаќинствата, % од население
XII ТРАНСПОРТ
89 МК НИ 035 Побарувачка на патнички транспорт
90 МК НИ 036 Побарувачка на товарен транспорт
91 МК НИ 054 Патни моторни возила според видот на горивото
92 МК НИ 055 Просечна старост на патните моторни возила
XV ТУРИЗАМ
99 МК НИ 047 – 1 Туристички промет – Меѓународна туристчка посетеност
100 МК НИ 047 – 2 Туристички промет – Престој на странски туристи
101 МК НИ 047 – 3 Туристички промет – Домашна туристчка посетеност
104 МК НИ 094 Интензитет на туризмот
XVI ЕКОНОМИЈА НА ЖИВОТНА СРЕДИНА И УПРАВУВАЊЕ СО РЕСУРСИ
107 МК НИ 067 Трошоци за заштита на животната средина
XVII ИНСТРУМЕНТИ ЗА ПОЛИТИКИТЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
112 МК НИ 085 Известување за податоци за животната средина