Одржани во Република Северна Македонија
1999 – Струга
ПРВ GLOBE СЕМИНАР – одржан од 5 ти до 7 ми февруари 1999 година, во Струга. На семинарот GLOBE тренерите обучија 15 наставници од првите пет училишта вклучени во GLOBE програмата и тоа: ОУ “Пере Тошев” од Прилеп; ДЦУ ” Гоце Делчев” од Валандово; “Нико Нестор” од Струга; О.У. “Димитар Миладинов” од Скопје и О.У. “Гоце Делчев” од Ресен. Треба да се нагласи дека на истиот беа опфатени три од четирите области на GLOBE набљудувањата и мерењата, односно без делот за почва, кој сеуште не е доволно разработен и ќе биде опфатен во подоцнежниот период.
2000 – Берово
ВТОР GLOBE СЕМИНАР – одржан од 8ми до 10ти Април 2000 година, во Берово. Семинар за обука на GLOBE наставници организиран од страна на Министерството за животна средина на Република Македонија, Педагошкиот Завод на Република Македонија, и Мировниот Корпус во Република Македонија на кој беа обучени наставници од четирите нововклучени училишта. Во овие четири нови училишта доброволците од американскиот мировен корпус соработуваат со своите македонски колеги за имплементирање на GLOBE програмата. По завршувањето на GLOBE семинарот во Берово наставниците веќе започнаа со работа со учениците во своите училишта.
2005 – Берово
ТРЕТ GLOBE СЕМИНАР – одржан од 16 ти до 19 ти јуни 2005 година, во детското одмаралиште „Малешево„ во Берово, На семинарот се изврши обука на наставници кои ќе ја спроведуваат GLOBE програмата во училиштата во Македонија. Организатор на Семинарот е Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Мировниот корпус во Македонија и Министерството за наука и образование.
На обуката присуствуваа GLOBE наставниците од 11 училишта од Македонија и двајца доброволци на Мировниот корпус кои се вклучени со свои активности во нашите GLOBE училишта.
Со предавања и практични вежби беа обработени четири области: атмосфера, хидрологија, далечинска детекција и земјина покривка, а електронскиот внес на податоци беше практициран во ЦСУ„Ацо Русковски„ во Берово.
Предавањата ги водеа македонски GLOBE-тренери, а за обработувањето на новите протоколи во GLOBE областите, беа поканети предавачи од Хрватска. Хрватска во моментов е една од земјите со најразвиена мрежа на GLOBE училишта.
2006 – Струга
ЧЕТВРТИ GLOBE СЕМИНАР – одржан од 11 ти до 13 ти мај 2006 година, во Струга. Организиран е почетен курс за обука на GLOBE наставници и претставници на Мировниот Корпус во Македонија.
– Скопје
ПЕТТИ GLOBE СЕМИНАР – одржан во октомври 2006 година, во Скопје. Организиран е напреден курс за водители на GLOBE програмата и претставници на Мировниот Корпус во Македонија.
2007 – Маврово
ШЕСТИ GLOBE СЕМИНАР – одржан од 27 ми до 29 ти септември 2007 година, во Хотел „Срна” Маврово. На семинарот беа реализирани практични вежби за областите: атмосфера, хидрологија и земјина покривка и беше објаснето електонското пополнување на протоколите на GLOBE серверот. Посебно внимание беше посветено на дискусија за тековните проблеми за спроведување на програмата и ажурирање на GLOBE серверот.
2008 – Стар Дојран
СЕДМИ GLOBE СЕМИНАР – одржан од 20 ми до 22 ти октомври 2008 година, во Хотел „Полин” Стар Дојран. Реализирани беа практични вежби за областите: атмосфера, хидрологија и земјина покривка и беше објаснето електонското пополнување на протоколите на GLOBE серверот.
Прв пат беа објаснети основните протоколи за почва, фенологија и GLOBE ноќе.
Посебно внимание беше посветено на дискусија за тековните проблеми за спроведување на програмата и ажурирање на GLOBE серверот.
2021
Прва заедничка GLOBE on-line обука за професорите од Северна Македонија, Хрватска и Словенија
По повод 22 април, Денот на планетата Земја и рестартирање на GLOBE Програмата во Северна Македонија, на 22 и 23.04.2021, со учество на 159 учесници од Северна Македонија, Хрватска и Словенија се одржа Прва заедничка GLOBE on-line обука за професорите од Северна Македонија, Хрватска и Словенија. На обуката како гости се приклучија и учесници од Црна Гора.
Целта на оваа обука беше ново вклучените професори да се обучат за спроведување на активностите од Програмата, а професорите кои имаат искуство, да се запознаат со новите протоколи, со што ќе се овозможи успешно имплементирање на истата.
Тренерите од Северна Македонија, обуката за професорите, заеднички ја одржаа со тренери од Хрватска и Канцеларијата за координација на GLOBE Европа и Евроазија кои несебично веднаш ја прифатија поканата да бидат едукатори на обуката.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини го отвори настанот нагласувајќи дека не постои подобар начин за одбележување на Денот на планетата Земја, од започнување на едукативна програма што ќе им ја приближи на младите животната средина и ќе им даде можност да ја сфатат потребата за нејзина заштита.
На отварањето на обуката се обратија и министерката за образование и наука Мила Царовска која нагласи дека децата во училиште треба да научат да ја сакаат и да ја спасат планетата Земја, потоа амбасадоркатата на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз и Дана Вотапкова претставник од Канцеларија за координација во регионот на Европа и Евроазија.
Рестартирањето на имплементацијата на GLOBE програмата во нашата држава беше обезбедено со донација од страна на Американската Амбасада, како средства за одржување на оваа обука во соработка, со Канцеларијата за координација на GLOBE Европа и Евроазија. Исто така, во рамки на оваа донација планирана е набавка на инструменти, хемикалии и други средства кои се неопходни за професорите и учениците да можат ефективно да ги извршуваат планираните активности и обуки.
Токму затоа, во сите нови наставни програми кои се изработуваат согласно новата Концепција за основно образование, се посветува големо внимание на темите за заштита на животната средина а воедно наставниците покрај активностите за време на наставата, ќе имаат можност и преку дополнителни воннаставни активности да ја подигнуваат свеста за значењето на здравата животна средина.
На ваков начин остваруваме една важна и благородна мисија во две области од клучно значење за нашата иднина – заштита на животната средина, преку нејзино спознавање и едукација на младите генерации како да ја зачуваат и да обезбедат квалитетен живот во животната средина што ќе ја наследат од нас.
Програмата GLOBE беше промовирана и на вестите и утринаската програма на телевизија СИТЕЛ од страна на Националниот координатор Катерина Николовска.
https://www.youtube.com/watch?v=cujIGdeuzec
https://sitel.com.mk/tema-na-denot-den-na-planetata-zemja-se-restartira-programata-globe
Меѓународни настани
1998 – Самос Грција
Прва активност во спроведувањето на програмата беше учеството на инволвираните наставници од македонските GLOBE училишта на меѓународниот семинар за обука на GLOBE тренери, што се одржа од 21ви до 25ти септември 1998 година во Самос Грција, во организација на GLOBE и Универзитетот во Атина. Овој семинар произведе 7 GLOBE тренери за Македонија, чија задача е да обучуваат наставници од вклучените училишта.
2000 – Киев, Украина
Во текот на месец август 2000 година, група на професори од Македонија, присуствуваа на меѓународната GLOBE конференција за обука на тренери која се одржа во Киев, Украина. Обучените тренери беа претставници од средните училишта и тоа пред се од земјоделските краеви на Републиката и најповеќе се интересираа за обука во рамките на протоколите за почва.
– Санторини, Грција
На 8ми и 9ти септември 2000 година, во Санторини, Грција се одржа редовниот годишен состанок на Европските национални координатори од 28 земји членки на програмата GLOBE во Европа на кој присуствуваше и националниот GLOBE координатор од Македонија г-ѓа Светлана Ѓорѓева. Во склоп на конференцијата беше одржана и работилница за Еколошко образование во училиштата на полето на квалитетот на воздухот, а исто така беше претставена и состојбата на квалитетот на воздух во Европа. Беа презентирани и новите протоколи за воздух и оддржлив развој, и данскиот нов концепт за еколошка едукација наречен – Зелен пристап во данскиот едукативен систем.
2007 – Дубровник, Хрватска
Во рамките на програмата GLOBE од 02ри до 07ми ноември 2007 година во Дубровник, Хрватска се одржа меѓународен GLOBE семинар на која беа поканети Националниот координатор и наставници од училиштата во Република Македонија каде активно се спроведува GLOBE програмата.
На семинарот се одржа обука за тренери за сите протоколи од основен и напреден степен, за сите медиуми (атмосфера, хидроологија, почва и земјина покривка). Учесниците на семинарот добија сертификат за GLOBE тренери и ќе можат да спроведуваат обука на професорите од училиштата во Републиката вклучени во програмата, за основните и напредните протоколи, на националните GLOBE семинари.
2009 – Булаж, Швајцарија
Во рамките на програмата GLOBE од 14ти до 20ти април 2009 година во Булаж, Швајцарија се одржа европска GLOBE конференција на која учествуваа Националните координатори на 18 земји од Европа и Евроазија.
Главна цел на конференцијата бeше земјите да го претстават напредокот во спроведувањето на програмата, размена на позитивните искуства, обука за протоколите за почва и презентација на поединечни проекти кои се поврзани со GLOBE програмата.
На оваа конференција се одлучи дека домаќин на следната годишна GLOBE конференција ќе биде Република Македонија.