(27.06.2016) Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети присуствуваше на свечената церемонија по повод завршувањето на реконструкцијата на коритото на реката Поника во тетовското село Доброште, oпштина Теарце.
– Со оваа реконструкција очекуваме максимално да се намалат ризиците и штетите од можните идни излевања на водите на р. Поника од речното корито, да се врати сјајот на реката, да се заштити животната средина, но и да се обезбеди максимална заштита на локалното население од можните материјални штети и човечки загуби – изјави по тој повод министерот Амети .
Имено, во август минатата година, како резултат на интензивните врнежи кои се резултат на климатските промени, реката Поника донесе крупен нанос (кал и камења) од горниот дел, со што ги доведе во опасност локалното население во селото Доброште и нанесе сериозни оштетувања на јавните објекти низводно. Рехабилитација на речниот тек низ селото се реализираше преку Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, имплементиран од страна на Милиеуконтакт Македонија во соработка со општина Теарце.
Реализацијата вклучува низа активности со соодветни технички решенија:
– Расчистување на речното корито од крупни камења и речен нанос по целата должина низ населеното место;
– Утврдување на состојбата на постојните каскадни прагови и на камената облога на регулираниот дел од речното корито, со цел реконструкција и враќање на објектите во состојба на целосна функционалност;
– Идентификација на постојните препреки на речниот тек во населеното место – несоодветно изградени премини преку река, објекти во речното корито, депонии и сл. со предлог мерки за елиминирање на неповолното влијание врз речниот тек;
– Утврдување на бројот, локацијата и состојбата на противерозивните прегради во реката пред нејзиниот влез во селото и предвидување на мерки за нивна санација;
– Утврдување на потребата од конструкција на нови против ерозивни прегради со цел елиминирање односно минимизирање на потенцијалните опасности по населеното место Доброште во иднина;
– Идентификација на критични зони во речното корито надвор од населеното место – возводно од село Доброште, делови од текот кои се блокирани со нанос и паднати дрвја со предлог мерки за санација – расчистување, рекултивација и сл.
На настанот се обратија и амбасадорот на САД во Македонија, Н.Е. Џес Л. Бејли и извршниот директор на Милиеуконтакт Македонија, Игор Славкоски.
Вредноста на проектот изнесува околу 5 милиони денари од кои 4 милиони се обезбедени од преку УСАИД, а останатите се сопствено учество на општината.