(08.12.2015) Во рамките на светскиот Самит за клима кој се одржува деновиве во Париз, министерот Изаири реализираше низа билатерални средби со ресорните министри од државите кои учествуваа на министерскиот дел од конференцијата СОР 21.
На билатерална средба со швајцарскиот државен секретар во Федералниот оддел за животна средина, транспорт, енергија и комуникации, Бруно Оберие беше реафирмирана добрата соработка помеѓу ресорните министерства на Швајцарија и Македонија, на полето на животна средина.
Министерот Изаири оствари средба и со министерката за животна средина и просторно планирање од Турција, Фатма Гулдемет Сари. На средбата се договори изработка на Програма за соработка помеѓу двете држави за две наредни години врз основа на веќе постоечки Меморандум за соработка, потпишан во 2007 година и се потврдија заложбите за интензивирање на соработката на полето на климатски промени, користење на глобалните фондови, како и на зелениот климатски фонд.
Агендата на билатерални средби, продолжи со средба со австрискиот министер за замјоделие, шуми, животна средина и управување со водите, Андрe Рупрехтер со кој е договорено продлабочување на соработката помеѓи двете министерства преку потпишување на Меморандум за соработка во правец на полесен пристап и искористување на фондовите за намалување на загадувањето и климатските промени.
Интересна е и билатерална средба на министерот Изаири и министерот за животна средина на Италија Ган Лука Гилети, на која, исто така, се разговараше за начините за продлабочување на веќе постоечката добра соработка. Договорено е потпишување на Анекс на МОУ и заедничко делување за намалување на климатските промени и искористувањето на расположивите финансиски ресурси. На средбата е најавена посета на Македонија од страна на генералниот директор за одржлив развој, енергија и клима во италијанското Министерство за животна средина, територија и море, Франческо Ла Камера.