(25.11.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Дебар, Ружди Лата, денеска, во општина Дебар, присуствуваа на започнувањето на проектот „Доизградба на атмосферска канализација на град Дебар, крак – улица 8 Септември и Братсво Единство“.
Вкупната вредност на проектот изнесува 7.104.000 денари, а Министерството за животна средина и просторно планирање преку Програмата за инвестирање во животната средина, обезбеди средства во висина од 2.600.000 денари, односно 37% од вредноста на проектот.
Средствата од Министерството ќе бидат искористени за набавка на пластични цевки за канализација, метални капаци за шахти и метални сливници, а о. Дебар ќе инвестира во земјени и бетонски работи за изведба на проектот.
Градот Дебар има 15.000 жители кои се соочени со нерешен проблем со отпадните води. Во поголем дел од градот атмосферската вода се меша со фекалната, при што настануваат чести дефекти кои предизвикуваат материјални штети и може да доведат до појава на заразни болести.