(21.09.2015г.) Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска, во просториите на ЕУ Инфо центарот во Скопје, со градоначалниците на Источниот и Североисточниот плански регион одржа работен состанок од областа управување со отпад во регионите.
На состанокот беа презентирани финансиските импликации за активностите предвидени во изработените документи и се отвори дискусија за тековните и идните активности од областа на управување со отпад во регионите, со цел информирање на засегнатата јавност за реализацијата на ИПА проектите: „Подготовка на техничка и тендерска документација за затварање на диви депонии во Источниот и Североисточниот регион” и “Подготовка на технички спецификации за набавка на опрема за собирање и транспортирање на отпад во Источниот и Североисточниот регион”.
Министерот Изаири континуирано продолжува да одржува состаноци со сите плански региони, организирајќи ги сите активности потребни за реализација на ИПА проектите кои се однесуваат на решавање на состојбата со отпадот во Република Македонија и изградбата на регионални депонии во сите шест плански региони.
За Министерството за животна средина и простоно планирање успешното реализирање на овие проекти претставува услов за преземање на понатамошни чекори и обезбедување на средства за реализација на интегриран систем за управување со отпад во овие два региони.