(18.09.2015г.) Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска, во просториите на Градежниот факултет во Скопје, се обрати на конференцијата на тема “Состојбата со водостопанската инфраструктура“, на која акцентот беше ставен на браните, а беше разгледана и општата состојба на водoстопанската инфраструктура во Р. Македонија.
Изразувајќи уверување дека ваквите настани во голема мера придонесуваат за размена на искуства во областа, министерот Изаири истакна:
– Водата е најважниот ресурс на земјата која е наречена “сино злато.” Статистички, во периодот од 1938 до 2014 година, во Р. Македонија изградени се 41 големи и 120 пониски брани. Хидросистемите составени од брани и водни акумулации, како и хидројаловиштата, претставуваат градежни објекти со најголема потенцијална опасност за околината.
Заради ваквите опасности, надлежното Министерство, согласно Законот за водите, во 2012 г. формира Комисија за брани составена од стручни експерти од оваа област. Во текот на 2014 година, Комисијата, во соработка со Министерството, изврши теренски увид на 43 брани во Р. Македонија, и изработи збирен Извештај за нивната состојба. Извештајот преставува рекапитулација на наодите за хидротехничките објекти со оценка, заклучни одредби и предлози за преземање на соодветни мерки за подобрување на состојбата на браните. Моменталната сигурносна состојба на браните со придружните објекти е алармантна за 4 брани (Слатино, Пишица, Глажња и Липково) и е критична за 5 брани (Вратница, Отошница, Селемли, Петрашевец и Водоча) кои треба ургентно да бидат санирани. Од 43-те брани опфатени со теренски увид, 9 брани или 21 % од постојните позначајни брани, се во незавидна сигурносна состојба, што е индиција дека е неопходна радикална промена на досегашниот концепт за постигнување на задоволителен квалитет на браните во Р. Македонија. Во текот на 2013 година браната Слатино претрпе делумно разрушување, како и браната Пишица, за која Министерството презеде мерки во однос на изработка на техничка документација за санација. Дванаесет брани (Вратница, Отошница, Петрашевец, Маркова, Градче, Лошана, Козјак, Маврово, Шпиље, Глобочица, Лисиче и Кнежево) имаат оштетувања за кои не е потребна итна санација. За 19 брани се потребни одредени санациони работи. Во моментот квалитетот на одржување на браните е незадоволителен, бидејки 20 брани не се одржуваат на начин кој би бил очекуван за вакви стратешки објекти. Дури 6 брани се буквално препуштени сами на себе, а 6 брани се запуштени до ниво што ги прави ранливи со неприфатлив ризик за околината. Тоа ни беше првиот сигнал дека е потребно да се предложат активности во насока на подобрување на ефикасноста на работењето и функционирањето на водостопанските системи.
Во текот на 2015 година се донесе Закон за водостопанства со цел формирање на Акционерско Друштво кое како највисок субјект во структурата ќе биде надлежно за зајакнување на капацитетите и имплементација на идните активности во рамки на секторот водостопанство и ќе ги преземе дејностите кои се во надлежност на досегашните водостопанства, односно снабдување со вода, одводнување, изградба и тековно и инвестициско одржување на системите.