(20.08.2015) Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалничката на Тетово Теута Арифи, по одржувањето на состанокот на координативното тело, одржаа прес-конференција. Градоначалничката Арифи даде целосна информација за активностите и состојбите за сите локалитети и за сите случаи зафатени од невремето од 3 август, како и за планираните понатамошни активности.
Заблагодарувајќи им се на институциите, на граѓаните, на медиумите и на сите други кои дадоа несебична поддршка во одстранувањето на последиците од катастрофалното невреме во тетовско, министерот Изаири нагласи дека постои целосна координација на активностите во однос на сите структури и инволвирани институции и за сите случаи во разчистување на теренот од донесените наноси. Активностите во сите правци на дејствување се делумно завршени и се разбира продолжуваат до целосно расчистување и санација на теренот. При тоа министерот Изаири информираше дека не очекува и втора фаза во која по проценувањето на штетите и по добиените експертски препораки ќе се работи на поправка на оштетеното. Во тој правец, комисијата за проценка на штетите веќе има дадено препорака за итна изработка на соодветни проекти. Меѓу другото, на вчерашната седница Владата веќе го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да изработи Основен проект за изградба на водоводна, канализациона мрежа и резервоар за вода за с. Шипковица. Исто така, Министерот информираше дека Владата на Република Македонија одлучи Македонија Пат веднаш да изработи основен проект со технички решенија за санација на свлечиштето во с. Шипковица.
За идната недела, тој најави прелиминарен извештај за проценка на штетите во инфраструктурата врз основа на која Владата ќе донесе одлука за понатамошно постапување.