(20.04.2015г.) Со цел да се пренесат искуствата на Република Македонија во справувањето со климатските промени, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски на покана претседателот на Одборот за заштита на животната средина на Србија, д-р Бранислав Блажиќ, денес во Белград присуствуваше на Седмото јавно слушање на Одборот на кој се дискутираше на тема: „Климатските промени како реалност во Србија и ЕУ – предизвици, одговори, можности“.
Зборувајќи за националните искуствата во областа, Темелковски нагласи дека не само Р. Македонија, туку и целиот регион во кој влегува и Србија се исклучително ранливи на климатските промени и од таа причина активностите за подготовка и адаптација кон нив се од суштинска важност, а бараат широк консензус, силна меѓусекторска и меѓуинституционална соработка, иновативни еколошки пристапи и технологии, но и поширока регионална и меѓународна акција.
Во рамките на своето излагање, заменик министерот Темелковски се осврна на реализираните, тековните и идните активности во областа.Според него, од ратификувањето на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) во 1997г. и стекнувањето статус Страна кон Конвенцијата во 1998г. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) кое од македонската влада беше назначено за Национално тело за контакт за UNFCCC и владино тело одговорно за креирање на политиката во однос на одредбите во UNFCCC, па до денес спроведе низа мерки и активности со кои напредокот на Р.Македонија во областа стана евидентен и препознатлив.
Државата преку МЖСПП, повеќе од десет години дејствува на ниво на изработка на неопходната законска, стратешка и планска рамка, но и во правец на развивање на соработка на билатерално, регионално и меѓународно ниво во заедничките напори за борба со климатските промени.
Република Македонија има доставено Прв и Втор Национален план за климатски промени (во 2003г. и 2008г.) а со доставувањето на Третиот национален План за климатски промени во 2014г. стана прва држава во Западен Блакан од нон–анекс 1 државите која што го има изработено овој документ, а втора во Европа (после Шкотска) што има направено Стратешка оцена на Планот.
Во месец јануари 2015 г., е усвоен Првиот ажуриран извештај за климатски промени (First biannualupdate report), со што ние сме првата држава во регионот и 11-та во светот која ја реализира оваа обврска.
Во исто времесе работи и на локално ниво, веќе се развиени осум општински стратегии за климатски промени, а во текот на 2015 г. и Градот Скопје планира да подготви таква стратегија.
Р. Македонија активно учествува и во работата на регионалната мрежа за животна средина и клима (ЕКРАН), формирана во рамките на повеќекорисничка ИПА.
Се очекува државата да определи т.н. придонеси (contributions) до Самитот во Париз во 2015 година околу намалувањата на емисиите на стакленичките гасови. Прелиминарни анализи се направени во рамките на Третиот Национален план за климатски промени, а во согласност со Националната Програма за усвојување на правото на ЕУ, планирана е изработка на политички документ (policy paper).
Во однос на идните активности, планирано е постепено изградување на капацитетите за идно вклучување во трговијата со емисии и механизмот за мониторирање, рапортирање и верификување на емисиите на стакленичките гасови. Воедно, детектирана е потреба од засилување на приватните и јавни финансиски текови за преземање мерки за намалување на емисиите и адаптирање кон климатските промени, како и за трансфер на технологија и јакнење на капацитетите.